Јуни 2026 година беше најтоплиот јуни некогаш измерен во Западна Европа и вториот најтопол на глобално ниво. Ова во четвртокот во Бон го соопшти Службата за климатски промени „Коперникус“, со која управува Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ЕЦМВФ).
Според податоците, температурите достигнале рекордни вредности, што било поттикнато и од највисоките досега измерени температури на морската површина за месец јуни.
На глобално ниво, просечната температура на воздухот блиску до површината во јуни изнесувала 16,54 степени Целзиусови. Тоа е за 0,56 степени над просекот за периодот од 1991 до 2020 година. Повисока температура е регистрирана само во јуни 2024 година.
Во споредба со проценетиот прединдустриски просек од периодот 1850–1900 година, јуни 2026 бил потопол за 1,39 степени.
Рекорди во Западна Европа и екстремна жештина
Просечната температура над европското копно во јуни 2026 година достигнала 19,14 степени, што претставува втор највисок резултат за овој месец откако се водат мерења. Таа била за 1,78 степени над просекот од периодот 1991–2020 година, а повисока евидентирана е само во јуни 2019 година.
Западна Европа, која беше најсилно погодена од топлотниот бран, забележала најтопол јуни од почетокот на мерењата. Просечната температура изнесувала 20,74 степени Целзиусови, што е за 3,05 степени над просекот за јуни во периодот 1991–2020 година.
Со тоа е надминат и претходниот рекорд поставен во јуни 2025 година.
„Овој месец Европа беше погодена од екстремна жештина и на копно и на море. Голем дел од Западна Европа се соочи со топлотен бран што собори рекорди, додека во западниот Медитеран и долж атлантските брегови беа забележани морски топлотни бранови“, се наведува во извештајот.
Според анализата, топлотниот бран во втората половина од јуни следел само неколку недели по исклучително интензивниот топлотен бран во мај.
„Низата топлотни бранови го нагласува растечкиот предизвик што произлегува од сѐ почестите и поинтензивни екстремни горештини во Европа и ширум светот“, посочуваат експертите.
DW




