ССМ е против зголемување на старосната граница за пензија

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изрази сериозна загриженост поради сѐ погласните дебати за можни пензиски реформи и евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање. Особено внимание предизвикуваат информациите дека во рамките на реформите се разгледува и можноста за заминување во пензија на 72 години.

Од синдикатот предупредуваат дека наместо работа до 72 години, државата треба да размислува за предвремено пензионирање, бенефициран стаж и мерки што ќе обезбедат одржлив пензиски систем за идните генерации пензионери.

„И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози и тоа од луѓе кои не се работници, а на штета на работниците. Напоменуваме дека ваквите избрзани мерки преку зголемување на стапката на придонеси или продолжување на возраста за пензионирање, само заради покривање на дефицитот во Пензискиот фонд, на долг рок не даваат резултати. Напротив, структурните проблеми остануваат нерешени и повторно се појавуваат“, велат од ССМ.

Наместо работа до 72 години, пензија според стаж
Според синдикатот, потребни се сериозни политики за зголемување на вработеноста кај младите преку отворање реални и одржливи работни места, поттикнување домашни и странски инвестиции, како и континуиран раст на платите. На тој начин би се зголемиле средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а истовремено би се намалила сиромаштијата.

Од ССМ сметаат дека се неопходни и политики за пристојна работа и доследно почитување на работничките права во согласност со меѓународните трудови стандарди, со цел младите луѓе да останат да живеат и работат во С. Македонија.

Синдикатот потсетува дека според „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“ на Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век во државата изнесува 76,63 години.

„Па дали тоа е идејата – наместо пензија, работа до крајот на животниот век?“, прашуваат од ССМ.

Наместо зголемување на старосната граница, синдикатот предлага воведување повеќе модели за пензионирање:

пензионирање со 40 години работен стаж за мажи
пензионирање со 35 години работен стаж за жени
предвремено пензионирање
воведување бенефициран стаж за градежни работници и други професии со тешки услови за работа
можност за пензионирање според возраст или според стаж
предвремена старосна пензија
неполна старосна пензија
можност за докуп на стаж
Според ССМ, неопходни се и сеопфатни мерки за намалување на непријавената работа и поефикасна наплата на социјалните придонеси. Од синдикатот велат дека поради сивата економија државата губи стотици милиони евра годишно, средства кои би можеле значително да ја подобрат состојбата на социјалните фондови.

„Дотогаш не може да си играме со здравјето и животот на работниците и граѓаните. Не може без нивна волја да се продолжува работниот век и да се одложува заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики од минатото. Ваквите предлози ги избркаа младите работници, а некој сериозно сака да ги избрка и постарите работници од Македонија“, порачуваат од ССМ.

 

 

 

DW