Кредибилитетот што Северна Македонија го изгради како партнер во НАТО треба да се искористи за деблокада на европскиот пат кон ЕУ, порача Радмила Шекеринска.

Дали кредибилитетот што Северна Македонија го изгради како сигурен и одговорен партнер во НАТО треба да биде искористен за надминување на политичките блокади и за забрзување на процесот на приклучување кон ЕУ? Прашањето се наметнува по Самитот на НАТО во Анкара, од каде беа испратени пораки дека Северна Македонија уште еднаш е потврдена како докажан, кредибилен и одговорен партнер на кој Алијансата може да се потпре.

Заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, смета дека исполнувањето на обврските во Алијансата ја зајакнува позицијата на државата и ја потврдува како кредибилен партнер меѓу сојузниците. Таа во интервју за „4њуз.мк“ на самитот на НАТО во Анкара, порача дека кредибилитетот кој земјата го изградила како сигурен, одговорен и рамноправен сојузник во НАТО, треба мудро да се искористи за надминување на билатералните предизвици и за откочување на процесот на европска интеграција.

Шекеринска: Кредибилитетот во НАТО е дипломатски капитал
Одговарајќи на прашањето дали бугарското вето и застојот во евроинтеграциите можат да влијаат врз односите меѓу двете земји како сојузници во НАТО, Шекеринска нагласи дека Алијансата не навлегува во билатералните прашања меѓу своите членки. Сепак, според неа, самото членство во НАТО ѝ обезбедува на Северна Македонија силна дипломатска позиција.

„Во оваа Алијанса сите сме еднакви. Кредибилитетот што го создаваме во НАТО и влијанието што го имаме како рамноправна членка секогаш отвораат можност за пријателски и сојузнички разговор за одредени проблеми. Тоа е предност што треба да се користи секој ден“, изјави Шекеринска.

Таа посочи дека кредибилитетот на една држава не се гради преку декларации, туку преку исполнување на преземените обврски и испорачување конкретни резултати.

Исполнувањето на обврските ја зајакнува позицијата кон ЕУ
Според Шекеринска, доследното исполнување на обврските во рамките на НАТО испраќа силна порака и до земјите-членки на ЕУ, бидејќи покажува дека Северна Македонија е доверлив и сериозен партнер.

„Кога покажуваме дека испорачуваме резултати и дека го реализираме тоа што сме го ветиле, тогаш и земјите-членки на Европската Унија нè гледаат како зрела и одговорна држава. Тоа е капитал што сме го стекнале низ тежок процес и мора паметно да го искористиме во интерес на нашата европска иднина“, додаде Шекеринска.

Таа оцени дека кредибилитетот стекнат во НАТО може да биде дополнителен аргумент во напорите за деблокирање на пристапниот процес кон ЕУ и за надминување на пречките што со години го забавуваат европскиот пат на државата.

 

 

 

DW