Денеска, на „Галичка свадба“, најмладите галичани ме пречекаа со домашна нафора и сол, а потем проследив дел од свадбарските обичаи што со векови се пренесуваат низ мијачкиот крај, како еден од најавтентичните изрази на македонското културно наследство.
На овогодинешните младенци, Мартина Михајлова и Александар Пендароски им го честитав бракот и во својство на покровителка им подарив галичка пафта со мотив од традиционалната галичка носија, којашто е симбол на плодноста и македонското свадбено богатство.
Им посакав заедничкиот живот да им биде исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит, а домот со разбирање и детска смеа.
Од година во година, манифестацијата привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и од странство, останувајќи еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет.




