Над 1.200 граѓани побарале лекарска помош, а АХВ забрани употреба на водата во Гостивар

Заматена и кафена вода што деновиве тече од чешмите во Гостивар го вклучи алармот кај институциите, особено откако болницата во градот беше преплавена со граѓани кои се пожалиле на дијареја, повраќање, болки во стомакот и покачена температура. Во само неколку дена, повеќе од 1.200 лица побарале лекарска помош. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за користење на водата од градскиот водовод сè до добивањето на резултатите од анализите.

Во меѓувреме, Обвинителството, полицијата и повеќе државни институции спроведуваат истрага за да утврдат како дошло до можно загадување на водата за пиење и дали токму тоа е причината за наглото зголемување на бројот на заболени граѓани.

Противречни информации за причините за епидемијата
Додека дел од надлежните уверуваат дека сè уште нема доказ за директна поврзаност меѓу водата и здравствените проблеми, од терен пристигнуваат информации што отвораат сериозни сомнежи.

Директорката на ЈП „Водовод“ Гостивар, Артана Асани, во изјава за Телма вели дека причината за епидемијата можеби не е водата за пиење, туку храната што ја консумирале граѓаните. Според неа, меѓу лицата што побарале медицинска помош имало и граѓани кои користеле исклучиво флаширана вода, што според неа укажува дека изворот на заразата не мора да биде водоводниот систем.

Сепак, наодите од извршениот надзор покажуваат загрижувачка слика.

Диво поставени пумпи во водоводниот систем
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека при вонреден надзор било утврдено оти на главниот цевковод на водоводната мрежа без одобрение била поставена пумпа што директно вбризгувала вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.

Полицијата, пак, објави уште посериозни сознанија. Според информациите од СВР Тетово, не станува збор за една, туку за три пумпи поставени во корито на истечни отпадни води. Преку нив, водата директно се внесувала во главниот цевковод што го снабдува Гостивар со вода за пиење.

„Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните“, соопштија од полицијата.

 

 

DW