Канада обезбеди престој за група авганистански граѓани кои беа згрижени кај нас

22 авганистански цивили, кои во изминатиот период престојуваа во Северна Македонија, добија престој во Канада. Денеска со лет од меѓународниот аеродром во Скопје заминаа вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“.

Со ова продолжува успешната мисија за трајно решавање на статусот на мирољубивото население на Авганистан кое е во животна опасност од талибанскиот режим. Северна Македонија активно учествува грижејќи се за неколку стотини кои до сега пристигнаа во земјава. Повеќе институции и невладини организации се ангажирани пружајќи им ја сета помош и поддршка додека се сместени во објекти во Скопје. Вклучени се здравствени работници, волонтери на Црвениот крст, а со правна помош за обезбедување документи потребни за заминување во трети земји асистира Македонското здружение на млади правници.