Транспортната компанија „Метак транс“ го чека извештај од германската полиција за изгорениот автобус

Транспортната компанија „Метак транс“ од виничкото село Градец, чиј автобус настрада во пожар во германскиот град Билефелд, го очекува извештајот од увидот на локалната полиција за да може да преземе понатамошни активности за заштита на своите права.

Автобусот целосно изгоре во петокот вечерта, а сопствениците на компанијата имаат оправдани сомневања дека пожарот бил подметнат.

Неколку дена претходно возилото стоело паркирано на вообичаената локација и дури во саботата наутро, возачот констатирал дека целосно е оштетен. Мојот сопруг веднаш замина во Германија и веќе добивме известување дека тамошната полиција работи на случајот. Очекуваме да се потврдат нашите сомневања дека пожарот е подметнат од македонски граѓани кои извршуваат нелегален превоз на патници, односно користат комбиња и други превозни средства, без да обезбедат лиценци и соодветни дозволи за тоа. Веројатно, нашето легално работење за нив е конкурентно и се обидуваат на овој начин да нè попречат. Јавна тајна е дека има нелегален превоз на македонски граѓани кои работат во странство, при што дивите превозници им го продаваат билетот по иста цена како и ние, но кон државата не плаќаат никакви давачки и го оштетуваат буџетот, истакна за МИА, Јасминка Цонева, која заедно со сопругот Станко ја раководи компанијата „Метак транс“.

Изгорениот автобус бил набавен неодамна, технички бил целосно исправен и од крајот на минатата година со него веќе биле реализирани неколку тури со патници до Германија и назад. Извештајот од германската полиција е неопходен при соодветната постапка за утврдување и наплата на штетата.

 

Извор: МИА