„Во 2011-та година почнав да инвестирам во Биткоин“ – со овие зборови Измамникот од Тиндер го објаснува своето моментално богатство и животот на „висока нога“. Тој за првпат даде интервју во кое ја кажа својата страна на приказната за филмот The Tinder Swindler.
Сајмон Левиев или Шимон Хајут во светот моментов е најпознат како „Измамникот од Тиндер“ благодарение на мега-популарниот документарен филм The Tinder Swindler на Нетфликс, а тој за првпат по објавувањето на филмот даде ексклузивно интервју каде ги коментираше обвинувањата.
Во документарниот филм The Tinder Swindler три девојки од скандинавските земји, Сесилија Фјелхој, Пернила Сјохолм и Ајлин Шарлоте раскажуваат како биле измамени од Сајмон, кој прво ги носел на луксузни патувања, а потоа од нив со измама изнудил големи суми пари.
Во филмот се коментира дека Сајмон, кој лажно се претставувал како син на руско-израелскиот крал на дијамантите Лев Левиев и се верува дека успеал од повеќе жртви да изнуди околу 10 милиони долари.
По пет месеци поминати во затвор во Израел за претходно сторени дела и предвремено ослободување заради добро однесување, Сајмон денес е слободен човек, а во ексклузивно интервју тој за првпат ги прокоментира обвинувањата изнесени против него.
„Го претставија како документарен филм, а во основа е измислен филм. Јас сум најголемиот џентлмен во светот. Јас не сум чудовиште како што ме прикажуваат. Јас бев само сингл маж што сакаше да запознае девојки на Тиндер“ – вели Сајмон во првиот дел од интервјуто за Inside Edition.
За време на интервјуто до Сајмон беше и неговата сегашна девојка, украинско-израелската манекенка Кејт Конлин (24) која вели дека не верува во приказната на трите девојки во филмот и не може да верува како некој може да направи таква измислица за нејзиното момче.
Таа вели дека Сајмон никогаш не позајмил пари од неа.
„Ниту сум ги измамил, ниту сум им се заканувал. Јас не сум и никогаш не сум се претставувал себеси како син на Лев Левиев. Јас сум бизнисмен. Почнав да тргувам со Биткоин во 2011-та година и не заработував ништо. Мислам дека не треба да ви кажувам колку вреди сега“ – вели тој.
Сајмон вели дека не се чувствува лошо за обвинувањата изнесени во филмот затоа што ништо од раскажаното не се случило.
„Само сакам да си го поправам имиџот и да му кажам на светот дека тоа не е вистина. Јас не сум измамник и не сум лажен. Луѓето не ме познаваат, затоа не можат да ме обвинуваат“ – вели тој.
Вториот дел од интервјуто ќе биде емитуван следниот вторник, а од папараци фотографиите што ги објави Daily Mail може да се забележи дека Сајмон сè уште живее луксузен живот, со брендирана облека и скапи автомобили и секако зад себе има обезбедување.
Се претпоставува дека богатството на Сајмон денес изнесува помеѓу 500.000 и 1 милион долари.
https://www.youtube.com/watch?v=_q6cOKmWBOQ&feature=emb_imp_woyt