Цената на пченицата во Европа скокна на рекордно ниво

Ескалацијата на тензиите меѓу главните светски снабдувачи со храна Русија и Украина веројатно ќе ги принуди купувачите на пченица, пченка и сончогледово масло да бараат алтернативни залихи. Нарушувањето може да ги зголеми светските цени на храната, кои веќе се блиску до повеќегодишните највисоки нивоа, предупредуваат експертите, објави Република.

Според моментално достапните податоци, овие две земји учествуваат со околу 29% од светскиот извоз на пченица, 19% од светските резерви на пченка и 80% од светскиот извоз на сончогледово масло. Трговците се загрижени дека оваа ситуација може да влијае на движењето на посевите и може да ги натера увозниците да ги заменат залихите од регионот.

„Прекини во снабдувањето од регионот на Црното Море ќе влијае на севкупната глобална достапност. Купувачите од Блискиот Исток и Африка ќе бараат алтернативни извори“, рече Фин Зибел, економист за агробизнис.

Транспортните податоци на „Refinitiv“ покажаа дека околу 70 отсто од извозот на пченица на Русија отишол кај купувачите од Блискиот Исток и Африка во 2021-ва година.

Трговците велат дека некои купувачи веќе ги пренасочиле бродовите кон други добавувачи поради загриженоста дека избувнувањето на војната ќе доведе до долго одложување на товарењето.

„Бродовите избегнуваат да влезат во Црното Море поради ризикот од војна“, изјави трговец во Сингапур, додавајќи дека „веќе има прекини во снабдувањето“.

Аналитичарите предупредија дека недостигот на залихи од регионот на Црното Море може да ја зголеми побарувачката за главната состојка во лебот од Соединетите Американски Држави и Канада.

Светските цени на храната се движат на највисоко ниво во последната деценија, поттикнати од силната побарувачка за пченица и млечни производи.

Фјучерсите на пченицата во Чикаго се зголемија за повеќе од 2% во средата, при што пченката достигна највисоко ниво во последните седум месеци, а сојата исто така поскапе. Сите три клучни состојки за храна и добиточна храна се зголемија за околу 40% во однос на најниските нивоа во 2021-ва година, поттикнати од опаѓањето на производството и силната побарувачка.

Цената на пченицата во Европа штотуку скокна на рекордно ниво. Покрај тоа, Русија го суспендираше сообраќајот на трговските бродови во Азовското Море до понатамошно известување.

извор: Република.