Цените на јагленот во Европа пораснаа за 18 отсто по руската воена операција во Украина

Со воведувањето санкции и ограничувања против Русија, цената на еден тон јаглен во мартовските фјучерс договори во Европа се зголеми за 18 отсто, јавува Агенција Анадолија (АА).

На пазарот на фјучерси на јаглен API2 во Ротердам, цената на еден тон јаглен во мартовските фјучерс договори попладнево се искачи на 256 долари.

По одлуката на западните земји да ги исклучат руските банки од глобалната финансиска мрежа СВИФТ и да ги замрзнат средствата на Централната банка на Русија поради руските напади врз Украина, цената на јагленот, со кој на отворањето на пазарот се тргуваше по 235 долари, порасна за околу 18 отсто.

Така, поскапувањето на јагленот, што во март минатата година изнесуваше 69 долари за тон, достигна 271 отсто. Цените на јагленот во изминатиот месец се зголемија за 65 отсто.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди воена операција во Украина минатиот четврток, по неколку дена откако ја призна независноста на двете енклави што ги држат сепаратистите во источна Украина.

Нападот беше остро осуден од меѓународната заедница, при што Европската Унија, Велика Британија и САД воведоа економски санкции против официјална Москва.

По пет дена откако Русија започна воена операција против нејзиниот западен сосед Украина, денеска почнаа мировните преговори меѓу двете завојувани страни.

извор: Агенција Анадолија (АА).