Стојаноска: Нема да дозволиме Собранието да носи партиски и кадровски одлуки креирани во штабовите на СДСМ и ДУИ

Собранието на Република Македонија повеќе не е претставнички дом на граѓаните, туку е претворен  во кадровско-партиски штаб на СДСМ и ДУИ.  Овој законодавен дом од вчера е претворен во алатка за пресметка на СДСМ и ДУИ со своите политички противници, газејќи се’ пред себе, и Устав и Деловник, но и волјата на граѓаните.  Имено, преседанот кој што се случуваше вчера, а очигледно ќе продолжи и денес, го покажа вистинското лице на СДСМ и ДУИ и нивната лажна заложба за нормално функционирање на Собранието, истакна пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата на Стојаноска во целост:

За прв пат во политичката и парламентарната историја на Република Македонија ова владејачко мнозинство предводено од двоецот СДСМ/ДУИ има намера, спротивно на Деловник и на сите деловнички процедури, но и спротивно на Уставот на Република Македонија, да разреши член на собраниска комисија без предлог на Комисија за избори и именувања. Ова не се случило никогаш досега, ова не се случило во ниеден парламентарен состав од осамостојувањето на државата па се’ до вчера.  Токму затоа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во текот на целиот вчерашен ден реагираше и алармираше на грубо кршење и буквално бришење под со Деловникот и Уставот на Република Македонија. За да ги спречиме во таа налудничава намера, ние во текот на вчерашниот ден, искористувајќи ги сите алатки согласно Деловникот, поднесовме преку 400тини амандмани кои веднаш ни беа отфрлени.

Отфрлањето на нашите амандмани и неотстапувањето од намерата на СДСМ и ДУИ по секоја цена да се разреши пратеникот од Комисијата заради обезбедување на ново мнозинство во неа, притоа непочитувајќи ниту процедура, ниту Деловник и Устав, е доказ дека на ова владејачко мнозинство навистина му гори под нозете и е свесно дека му се ближи крајот.  Почитувани,  Ова што се случуваше вчера и очигледно ќе се случува и денес овде во Собранието е срамно и понижувачки. Ова е самоволие и деловничко насилие од светски размери режирано од СДСМ и ДУИ.

Од тие причини, како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, како и вчера, така и денес овде од оваа говорница, уште еднаш упатуваме јасна порака до владејачкото мнозинство да ја преиспитаат својата намера за насилно разрешување на пратеникот од Комисијата и веднаш да ја повлечат предлог одлуката. Доколку не го сторат тоа, ние како народни избраници и претставници ќе ги превземеме сите алатки согласно Деловникот и ќе направиме се’ за да ги заштитиме граѓаните. Нема да дозволиме ова Собрание да носи партиски и кадровски одлуки креирани во партиските штабови на СДСМ и ДУИ.

На крајот, сакаме да ја информираме јавноста дека токму за ова што се случува во Собранието, ќе бидат известени сите релевантни и меѓународни фактори. Ова мора конечно да престане. Собранието не е приватна компанија на Заев и Ковачевски, Собранието не смее да биде партиско седиште на СДСМ и ДУИ за спроведување на нивните погубни политики.