Денес е последниот во низата регионални отчети кои ги правиме по повод првите 100 дена од мандатите на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Скопскиот плански регион е местото каде започнаа да се чувствуваат промените уште веднаш, и покрај сите силни опструкции, притисоци, и покрај сите подметнувања на централната власт. Морам да кажам, а и да си признаеме дека, главната водилка овие први 100 дена беше, е и остана да не го разочараме народот, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„И не го разочаравме, и нема да го разочараме, и затоа седам овде пред вас, но и пред целата јавност и кажуваме дека во едни тешки околности постигнавме многу. А, најзначајната придобивка овие 100 дена е што конечно општините ги вративме на оние на кои им припаѓаат, а тоа е народот.
Денес и Тимчо од Аеродром, и Александар од Ѓорче, и Дарко од Бутел, Орце од Кисела Вода, и Боби од Гази Баба, и Александар од Илинден, Коста од Зелениково, а за Стевче од Сопиште и Борче Митевски од Петровец е потврдено и проверено дека тоа е така – можете да ги видите по улиците, маалата, парковите, со народот, работат за народот. Општините се со отворени врати за решавање на сите проблеми, за наоѓање на решенија, за поддршка и промена на тешката реалност.
Тоа е нешто што е сосема различно со претходното време, сега повеќето нови и проверени кадри се тие кои прават силни чекори напред. Оваа нова генерација на политичари во политиката полека, но сигурно се вградува во она што треба да биде силен виор на промени кој мора да се пресликува и подоцна и во владата. И она на што сум особено задоволен е фактот што имаме први 100 дена без ниту една темна дамка, ниту една афера за било кој градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. И така мора да се продолжи, чесно и посветено, незаборавајќи дека немаме опција со која би го разочарале дополнително и така разочараниот народ и дека мора да се вложи целата енергија за промените кои што носат иднина.
Работиме според план кој го содржи клучот – РАБОТА, РАБОТА И МНОГУ РАБОТА.
Од овие повеќе од 1090 проекти кои се започнати со реализација, дури 166 се капитални објекти низ целата територија на Македонија.
Голем дел од овие проекти се реализирани токму и во општините кои денес даваат отчет, а за кој нивните градоначалници детално ќе говорат после моето обраќање.
Започнати се со проектирање, градба или реконструкција нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 километри. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се повеќе од 200 диви депонии.
Секој си го поставува прашањето дали сето ова е доволно? Секако дека е потребно и повеќе и подобро. И ние тука нема да застанеме. И ние НЕМА ДА ВЕ ИЗНЕВЕРИМЕ! Ние заедно со народот, со луѓето на Македонија од сите вери и нации се бориме за иднина.
Затоа продолжуваме да работиме за ПРОМЕНИ КОИ МОРА ДА СЕ ПОДЛАБОКИ И ПОШИРОКИ!
И ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која ја заслужувате, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари кои се вашата сила во општеството кое мораме да го менуваме.
ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА. Заедно во нови успеси и проекти“, истакна Мицкоски.
Во продолжение го пренесуваме обраќањето на Мицкоски во целост:
Во ова мое обраќање нема да говорам на дневно политичките настани бидејќи тоа го правам во секоја прилика и при секое мое излегување во јавноста. Денеска ќе се задржам на две особено значајни работи за кои сакам денес да зборувам, а се врзани со развојот на општините и развојот на нашата татковина Македонија.
Првата работа е фактот што покрај инфраструктурната градба на локалната самоуправа мора да се посвети внимание и на она што централната власт не го прави воопшто, а тоа е привлекувањето на странски инвестиции, отворање на нови работни места кои ќе бидат добро платени, мотивирање на домашни инвеститори кои што исто така е отвораат нови работни места.
А, во овие мигови на силна инфлација, на сеопшто поскапување на производите, на засилена сиромаштија, локалниот економски развој и добро платените работни места ќе бидат повеќе од добредојдени.
Настрана политиката, превирањата и дневно политичките настани врзани со кризата во Украина, се запоставува еден значаен момент во економијата, а тоа се директните странски инвестиции. Јас навистина жалам за тоа што се случува во Украина. Навистина жалам што човештвото и Европа се сведоци на такви настани кои што денеска се случуваат таму и најмногу жалам за невините човечки животи кои што неправедно згаснуваат, поради тоа што политичарите не се подготвени и не се способни на дипломатски начин да ги решаваат проблемите.
Но, исто така жалам што во географска смисла на зборот сме многу мали за да можеме да влијаеме за нешто посериозно да влијаеме како би ги отргнале политичарите од тоа што го прават денеска и да ги намалиме страдањата на цивилите на граѓаните, и во Украина и во Русија.
Но, ние мораме да се водиме од тоа што е наш стратешки интерес, ние сме мала но мирољублива држава, во срцето на Балканот, мирољублив народ, наши сограѓани кои што се од различни националности и различни религии. Ние мораме да се грижиме да го направиме нивниот живот поудобен, посигурен и постабилен и затоа, а јас тоа не го гледам да го прави централната власт одлучивме ние како ВМРО-ДПМНЕ сите оние компании, странски кои што мигрираат од кризните региони Украина и Русија да дојдат овде во Македонија, да инвестираат, да отворат нови работни места, а градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможат заедно со администрацијата сето она кое што е во нивна надлежност, а очекуваме и да ја испровоцираат конечно оваа неспособна и криминална власт на реакција, па и тие да се загрижат за иднината на македонскиот граѓанин, на македонската економија. Да ги поканиме тие странски инвеститори кои што мигрираат од Украина и Русија, да дојдат овде во Македонија да инвестираат, да вработат македонски граѓани за добри примања, да отворат нови работни места и колку толку да ја ублажиме и онака тешката ситуација во која се наоѓа македонската економија поради овие настани кои што за жал ние геостратешки не можеме премногу да влијаеме.
Од она кое што го извршивме заедно со економскиот тим во партијата како мапирање во Украина и Русија веќе има инвеститори кои што се присутни во Македонија. Мапиравме такви пет компании ОДВ, Гентерм, Кромберт и Шуберт, Аптив.
Ги задолжив градоначалниците од градовите Охрид, Битола, Илинден да испратат писмо до овие компании да дојдат и да инвестираат во Македонија, но не само од овие компании, туку и од сите градоначалници од редот на ВМРО-ДПМНЕ да упатат писмо до сите странски инвеститори кои што мигрираат од кризните региони во Украина и Русија, да дојдат да инвестираат во Македонија, а ние како добри домаќини ќе им овозможиме навистина убав амбиент во општините во кои сер наоѓаат градоначалниците.
Втората работа која за која што сакам денеска да зборувам е практично голем проект позитивен, инвестиција за Скопје и скопјани, во делот на организираниот превоз. изминатиот период сериозно работевме на контакти, разговори и преговори со неколку светски компании кои што произведуваат електрични автобуси, за кои што Градот Скопје а нормално тоа е и дел од изборната програма и ветувања на независниот кандидат, градоначалник Данела Арсовска, а тоа е да може Скопје да биде лидер по оваа технологија и во градскиот превоз на Балканот, а зошто да не и во Југоисточна Европа а тоа се набавка на нови минимум 100 парчиња на електрични автобуси кои што од прилика годишно го намалуваат загадувањето за 80 илјади тони по парче. Што значи дека исклучително голем број на штетни гасови кои што сега за жал ја дишат скопјани ќе биде елиминирана со имплементирање на овие нови електрични автобуси. И за таа цел изминатиот период остваривме комуникација со многу производители.
Во завршна фаза сме и во подготовка на тендерската процедура за набавка на овие автобуси, но исто така со сите овие потенцијални снабдувачи разговараме и за отворање на фабрика тука во Скопје во Македонија за производство на овие електрични автобуси во кое што ќе се вработат минимум 500тини луѓе на силно и добро платени работни места, кои што тука ќе обезбедат егзистенција а Македонија ќе ја ставиме на мапата на производители на електрични автобуси во Европа.
Голем дел од овие компании ни велат, од тука понатаму сакаат да го снабдуваат и европскиот пазар со ваков тип на превозни средства односно електрични автобуси. Мислам дека сме многу блиску и да го официјализираме сето ова, затоа велиме работиме исклучително посветено на екологијата, работиме на исполнувања на ветувањата кои што беа дел од предизборната програма на независниот кандидат, а сега градоначалник Данела Арсовска која што ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја поддржа и работиме на подобрување на комфорот на скопјани, работиме на подобрување на квалитетот на воздухот на Градот Скопје. Скопје да биде еко и најчист главен град на Балканот, бидејќи претходникот а и оваа власт не само што тоа не ги интересира, туку ни со еден чекор и политика не покажаа дека сакат на скопјани тоа да им го овозможат.
Затоа за нас е важно еко, електрични автобуси најголем број на Балканот и нова фабрика за производство со минимум 500тини вработени во првиот чекор за почист и позелен град и нова технологија за 21 век од каде што Македонија ќе извезува знаење, и нормално ваков тип на превозни средства во Европа.
Воедно сакам да објавам дека следува пролетна инфраструктурна офанзива на градби на улици, градинки, водоводи, канализации реконструкции и други капитални инвестиции за кои ќе говорам во друга прилика. Покажуваме нова енергија и промени кои ќе се случат и кои ќе бидат се подлабоки и посуштински.
Време е да се остават нишаните, партиските поделби, и мора да дадеме и одговориме на вистинските потреби на народот. И ова се мали чекори, но со огромна важност. Ние имаме одговорност во име на сите овие луѓе да водиме, и да одиме напред.
И затоа велам дека не смееме да губиме време, туку заеднички и сложно да градиме иднина. Да создаваме промени што носат иднина.