Кинескиот проблем со Русија

Двете големи сили се соседи, економски партнери и во соперништвото со САД – тесно поврзани. Но, руската инвазија на Украина станува проблем за Пекинг.

ционалниот советник за безбедност на САД, Џејк Саливен, ја предупреди кинеската влада од сериозни последици доколку Пекинг ја поддржува Русија во заобиколување на меѓународните санкции. Саливен денеска (14.03) треба да се сретне со врвниот кинески дипломат Јанг Џиечи во Рим. Американските медиуми информираат дека претставници на американската влада се загрижени поради тоа што, како што се вели, Русија од Кина побарала воена опрема. Белата куќа е загрижена дека Пекинг би можел да ги поткопа напорите на Западот за помош на украинските сили во одбраната на земјата. Саливен на средбата со Џиечи би требало да ги изнесе грижите на САД и да ѝ ги посочи на Кина консеквенциите од нејзина евентуална поддршка на Русија. За Си-Ен-Ен Саливен рече дека владата во Вашингтон набљудува „прецизно“ во каков обем Кина ѝ пружа на Русија „материјална поддршка или економска поддршка“.

Кина денеска ги демантира наводите од Вашингтон. „Во последно време САД постојано шират дезинформации околу Кина. Тоа е злонамерно“, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи во Пекинг. Како што се тврди во Пекинг, Кина отсекогаш играла конструктивна улога во поттикнувањето мировни разговори. Највисок приоритет сега е сите страни да бидат воздржани за ситуацијата да деескалира, изјави портпаролот на кинеското МНР:

Апел за воздржаност се слушна и по завршувањето на заседанието на Народниот конгрес во Пекинг минатата недела. Кога премиерот Ли Кечијанг во петокот излезе пред медиумите, новинарите го запрашаа и за ставот во однос на инвазијата во Украина.

Навистина „вознемирувачка ситуација“ во Украина, констатираше Ли и апелираше на „крајна воздржаност”. Но, не можеше да се чуе ниту критика за Москва ниту дистанцирање од неа. Наместо тоа, Ли ги критикуваше меѓународните санкции против Русија.

Уште минатиот понеделник министерот за надворешни работи Ванг Ји појасни дека „без оглед колку и да е голем меѓународниот притисок, Кина и Русија ќе држат до нивната стратешка определба и ќе го поттикнат широкото кооперативно партнерство и во новата ера”. Релациите со Русија, според министерот, се „меѓу најважните билатерални односи во светот” и придонесуваат за „мир и стабилност”, оцени тој. „Пријателството меѓу двата народа е цврсто како карпа”, рече првиот човек на кинеската дипломатија.

Русија и Кина имаат заедничка граница во должина од 4000 километри. И нивните економии се надополнуваат. Од Русија во Кина се извезуваат суровини и енергенси, а се увезуваат индустриски производи.

Двете земји се водени во авторитарен стил и власта се зацврстува преку преданијата за историската величина на нивните нации. Двете ги обединува и ривалството со САД: „За Кина во релациите со Русија е пресуден еден геополитички елемент”, појаснува Максимилијан Мајер. Во ДВ интервју политикологот од Бон наведува: „Тоа е сржта на партнерството, форма на стратешка соработка која се стреми кон тоа американската хегемонија, како што е перцепирана во Москва и Пекинг, да се потисне и да се создаде противтежа во мултиполарниот светски поредок.“

Стратешката соработкана 4 февруари беше обликувана во форма на заедничка декларација која се колне на „пријателство без граници”. Три недели пред инвазијата во Украина, претседателот на Русија, Владимир Путин и неговиот кинески колега Ши Џинпинг го искористија отворањето на ЗОИ за да покажат меѓусебна геостратешка поддршка. Кина во декларацијата ја поддржува критиката на Русија во однос на проширувањето на НАТО на исток.

За возврат трилатералното партнерство меѓу Австралија, Велика Британија и САД се оценува како контрапродуктивно од безбедносно-политички аспект. Од НАТО се бара да се откаже од пристапот на „студена војна”. Двете страни стремат кон поинаков светски поредок.

Кинески норми, руска сила

Во заедничката декларација се споменуваат и универзални вредности, човекови права, мир, еднаквост и правда. Затоа Пекинг во јавните ставови се обидува да балансира: од една страна традиционално да го нагласува правилото на територијалниот суверенитет на сите држави. Од друга страна, во поглед на Украина, по многукратното проширување на НАТО кон исток да ѝ припише на Русија право на земање предвид на „нивните легитимни безбедносни барања”.

Но, најдоцна по гласањето „воздржано“ од страна на Кина во однос на рускиот напад кој беше осуден од 141 земја во Генералното собрание на ООН, мора да се каже дека Пекинг е јасно на страната на Путин.

Но, тоа го погодува самопоимањето на кинеските елити, вели Мајер. За нив, Кина е и нормативна сила која има определени вредности кои понекогаш може да се разликуваат од оние на Западот, но сепак – тие сѐ уште се основа за глобална комуникација и дипломатија. „Од руска страна, пак, моментално гледаме само политика базирана на чиста сила, а претседателот Ши изгледа и покрај тоа одлучи да остане со Русија во истиот чамец”, вели Мајер.

Промена на размислувањата во надворешната политика

Тоа има последици врз начинот на кој се перцепира Кина. „Кинезите знаат дека ги гледаат како и тие да сносат вина, како полека да стануваат продолжение на опасноста што произлегува од Русија”, ја опишува колатералната штета за кинеските релации со Европа, Ендру Смол, експерт за Кина при Германскиот Маршалов фонд.

Во интервју за ДВ Смол вели: „Тоа е штетно за иднината, бидејќи во надворешната политика доаѓа до промени во размислувањата. Се разгледува и економската зависност од Кина и се прават подготовки за сценарија кои опфаќаат и евентуални кинески инвазии, особено на Тајван.“

Кинеските интереси се негативно засегнати и во друг контекст – најмногу економски, но и на стратешко ниво, анализира Максимилијан Мајер. „НАТО севкупно ќе излезе посилен од овој конфликт. Фокусот на САД ќе биде и натаму азиско-пацифичкиот регион. Може да се случи во иднина и Европејците да преземат поголема улога таму.“

Пријателството во кое се колнат Русија и Кина, историски гледано нема многу корени. Кон крајот на 60-тите години од минатиот век војници на двете комунистички атомски сили имаа тешки вооружени судири на пограничната река Усури. Русија во екот на колонијалното ширење на исток во 19 век си припои големи региони, меѓу кои и кинески или со доминантно кинеско население. Кина во 1969 година сѐ уште се жалеше дека од царството Русија во неправедни договори била присилена да се откаже од 1,5 милиони квадратни километри кинеска територија, површина трипати поголема од Франција.

Но, релациите со Русија на догледно време се толку важни што темата не се ни отвора, оценува експертот Смол. „Русите сега се многу посигурни во однос на истокот, а на воен план тоа се гледа во фактот што повлекоа бројни сили од границата кон Монголија и Кина.“

На крајот и руско-кинеските релации се како и сите други меѓудржавни односи – водени се од цели и интереси, не од симпатии и приврзаност.

Русија – непресметлив партнер

Путин веќе подолго време мора да се врти кон Истокот поради економските санкции кои ги има од 2014-тата, оценува Мајер. „Прашањето е дали тој долгорочен процес во еден момент толку ќе ги погоди сите економски и стратешки сектори што за Русија веќе нема да има друга опција освен вртење кон Кина.”

Растечката економска зависност и геополитичката соработка би можеле сѐ посилно да ја врзуваат Русија за Кина – а Русија притоа да биде послабиот од двата партнера. „Сликата за јуниор партнер не е баш соодветна”, коригира Мајер и појаснува дека „дури и како таков партнер, Русија, благодарение на статусот атомска сила, ќе остане секогаш автономна и со тоа непресметлива за Пекинг.“

Кина за Русија станува сѐ понеопходна, додека за Пекинг северниот сосед е непријатен, но во многу погледи корисен. Барем засега.

извор/фото: Дојче Веле