Околу 200лица повредени и 3 загинати во силниот земјотрес во Јапонија

Најмалку три лица загинаа, а околу 198 се повредени во силниот земјотрес што ја погоди Јапонија во средата вечерта, предизвикувајќи предупредување за цунами, јави Анадолија. Земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтер го погоди североисточниот дел на Јапонија во 23:36 часот по локално време, соопшти Јапонската метеоролошка агенција. Земјотресот го погоди брегот на провинцијата Фукушима, на 60 километри под нивото на морето.

Агенцијата издаде предупредување за цунами по земјотресот и ги предупреди луѓето за земјотреси со слична јачина во наредните недели. Во земјотресот беа повредени околу 198 лица во 12 провинции, додека три лица загинаа во најтешко погодените Мијаги и Фукушима. „Ќе ги преземеме сите можни мерки за да одговориме на катастрофата“, изјави јапонскиот премиер Фумио Кишида во парламентот рано во четвртокот. Исто така, главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно рече дека земјотресот не предизвикал проблеми во нуклеарните централи во областите погодени од земјотресот.

 

извор/фото: агенции