Интервју со Амбасадор на Франција во Република С.Македонија (во заминување) Н.Е Кристан Тимоние за ekonomijaibiznis.mk.
Како ја оценувате состојбата во која се наоѓа македонското општество? Која е Вашата препорака, што да правиме или да не правиме, на што да се фокусираме за да постигнеме побрз развој, не само економски, туку и поширок, демократски, општествен развој?
Како што е случај со речиси сите други општества, така и ова трпи голем здравствен удар, кој е изразен на економски, социјален и психолошки план. Тој може дури да влијае и на генерацијата што расте, поради промените во образовниот систем и социјализацијата. Опасноста може да дојде од процесите на радикализација, повлекување во себе и замрзнување на активностите на сите полиња. Треба да ја поздравиме одлучната реакција на ЕУ заснована врз една поширока солидарност. Од своја страна, државите мора сериозно да се подготват, да преминат од фазата на добри намери кон изнаоѓање вистинска внатрешна методологија, кон мобилизација на сите капацитети и на целата енергија надвор од какви било политички афинитети. За да извојува победа, потребно е да се создаде атмосфера на заедничко дејствување што ги исклучува систематското спротивставување и стерилниот реваншизам. Франција се залага, во рамки на разговорите што се водат во Брисел, за тоа придобивките да бидат поконкретни, доколку критериумите бидат побрзо исполнети. Ние мора да обновиме одреден оптимизам заснован врз успесите кон кои секоја земја треба да се стреми.
4. Каква е Вашата оценка за глобалните случувања? Светот сè позасилено го карактеризираат три трендови: раст на популизмот и автократијата, продлабочување на нееднаквоста на доходот и неповолните климатски промени. Што ни носи иднината?
Ако не сториме ништо и се повлечеме во себе, светот во иднина веројатно ќе биде сличен на тој од порано, но многу полош. Нема друг избор за консолидирање на европската сила која се заснова врз заедничкото владеење на правото, активната солидарност и продолжувањето на нашата борба за ограничување и контролирање на последиците од глобалното затоплување. Западен Балкан може да биде лабораторија на оваа визија за промена на моделот преку интелигентно управување: тоа може да изгледа како сон, но регионот има адути за таква трансформација, а само ЕУ има средства и волја да се впушти во тоа.
5.Регионот на Западен Балкан, соочен со масовно иселување на младите и едуцирани кадри, со стареење на населението, со недоволно брз економски развој, со свои напластени противречности, се обидува да преживее. Како гледате на регионот на Западен Балкан и на неговата иднина во наредните десет години?
Тенденциите што ги опишувате се реални и треба да се настојува што е можно повеќе да се прекине трендот на заминување на младите. Да се поттикне обновата на политичкиот, образовниот и здравствениот систем. Сите овие фактори, покрај висината на платите, што не може да се исклучи, имаат значајна улога за демографијата. Не беше тешко луѓето да ги увидат неправдите што се јавуваат во системот, неговата прекумерна политизација, како и непотизмот. Така се раѓа идејата за заминување и повеќе од сè, желбата за себе или за своите деца да се премине од затворено во отворено општество, каде што успехот е резултат на напорна работа и заслуги. Затоа, регионот мора потполно да ги искористи можностите што ги нуди ЕУ за нов почеток. Но тоа нема да се случи доколку во регионот не се изнесе храбро вистината и не се спроведе одлучна и бескомпромисна акција против одредени неправилности. Одговорните во регионот ќе мора исто така да ја прифатат играта на отворена трансформација која нема да биде само во корист на мал круг роднини и пријатели. Од искуство знаеме дека ќе треба уште многу да се работи на таа проблематика.
Интервјуто во целост на: ekonomijaibiznis.mk.