Од утре почнува генералниот штрајк во Образованието, Неделков вели штрајкот ќе трае се` додека не биде постигнато прифатливо решение за двете страни

На денешната пресконференција од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) потврдија дека утре (11 април) нивното членство ќе стапи во генерален штрајк и дека вработените во градинките, основното и средното образование нема да ја обавуваат својата воспитно-образовна функција.

Од Синдикатот уште еднаш напоменаа дека штрајкот е поради неисполнување на нивните барања за усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, рече дека штрајкот ќе трае додека не постигнат договор со властите, а за тоа како ќе се одвива приемот, грижата и образованието на децата и учениците, тој посочи дека тоа е одговорност на директорите на установите.

„Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место. Или попрецизно, штрајкувачите ќе бидат сместени во простории, кои заеднички ќе ги договорат со директорите на установите, и нема да ги извршуваат своите воспитно-образовни и згрижувачки дејност. СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, нема да изведува воспитно-образовна и згрижувачка дејност. СОНК ќе биде во штрајк, а одговорноста за извршување минимум-услови за функционирање на установата има директорот. Тука е вклучително и прифаќање на евентуален број на деца кои по разни основи ќе дојдат во градинките и училиштата. Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат, да згрижуваат или да воспитуваат деца“, рече Неделков.

„Штрајкот ќе трае се` додека не биде постигнато прифатливо решение за двете страни. Кога ќе се случи тоа, не зависи од нас. Ние би биле среќни тоа да се случи уште утре. За тоа како ќе се одвива штрајкот – немаме никаква одговорност за тоа што ќе дојдат дечиња во градинка или училиште врз основа на згрижување, воспитание, образование, храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. Тука директорот може да употреби вработени во своите установи кои не штрајкуваат по разни основи – можеби не се наши членови, или има притисоци или страв да штрајкуваат…“, додаде тој.

Министерстото за образование и наука утрово соопшти дека и од утре (11 април), за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно – образовен процес.

Од МОН додаваат дека правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година.

„Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година. Училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно – образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото“, стои во соопштението на МОН.

Претходно и од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопштија дека и покрај штрајкот, вработените во предучилишните установи за деца се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.

„Сите предучилишни установи треба да го почитуваат Законот, Уставот на Република Северна Македонија и Конвенцијата за правата на детето и да го организираат згрижувачко воспитниот процес. Поради тоа ја известуваме јавноста и родителите дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк, ќе ја обавуваат својата дејност згрижување и воспитание на децата како и до сега“, посочија од МТСП.