Мицкоски за убиството на ракометарот Денис Тот: Институциите да одговорат зошто наместо да расветлат случајот, континуирано ја ставаат работата под тепих

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска беше во посета на Општина Кочани каде во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“, присуствуваше на пуштање во употреба на потисен цевковод за Кочани – Грдовски Орман, при што имаше и изјава за медиумите.

На новинарско прашање за коментар околу убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот за што имаше различности во соопштенијата кои беа лиферувани МВР и од Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување, Мицкоски одговори дека случајот не треба да се политизира, а институциите да одговорат зошто наместо да го расветлат целиот случај се обидуваа да ја стават под тепих целата работа.

„Не треба работата да се политизира. Треба едноставно министерството да одговори зошто криеше и зошто молчеше и зошто институциите кои се надлежни за да го расветлат овој грозоморен настан не го расветлуват, туку гледаме дека континуирано се обидуваат под тепих да ја стават работата. Требаше едноставно за да не се случува ова расфрлање на пердуви да излезат надлежните и да кажат кој е сторител, сторителите се пронајдени сторителите се лишени од слобода и ќе одговараат за овој грозоморен чин. Тоа е она што требаше да се случи, но зошто некој го сокрива сето тоа треба да одговорат тие кои го кријат сторителот на ова убиство“, потенцираше Мицкоски.