Попис 2021: Просечното домаќинство за 20 години намалено за половина член

Просечното домаќинство во државата во последните 20 години има загубено по половина член и бележи намалување од 3,6 членови во 2002 година, на 3,06 членови во 2021 година.

Ова е тренд во сите општини освен во Чаир, Шуто Оризари и Чашка во кои има раст и во Сарај, Градско и Пехчево, каде има стагнација.

Општина со најмалку членови по домаќинство е Македонска Каменица – 2,43, а со најмногу се Арачиново и Желино по – 4,45.

Сепак, иако Арачиново и Желино во просек имаат најголеми домаќинства, и тие бележат пад во последните 20 години, и тоа Арачиново од 0,66, а Желино за 0,22.

Дебар и Македонска Каменица се општини кои имаат најголем пад и имаат загубено по околу еден член од семејството и тоа Дебар –  1,28, а Македонска Каменица – 0,90.

Просечното домаќинство е најголемо во Полошкиот регион и брои 3,48 членови, додека е најмало во Источниот регион со 2,69 членови. Најголемо намалување во бројот на членови по домаќинство има во Југозападниот регион – 1,32 членови, од 4,41 во 2002 на 3,09 во 2021 година.

Од вкупно 80 општини во над половина просечното домаќинство има меѓу 2,5 и 3 члена, 23 проценти бројат од 3 до 3,5 члена, 15 проценти од 3,5 до 4 члена, 7,5 проценти над 4 члена и 2,5 проценти под 2,5 члена.

 

извор/фото: агенции