„Силен е мобингот во детските градинки, па вработените не молат да не го споменуваме нивниот објект за да не се открие дека се жалат и поради тоа не можеме да го откриеме нивниот идентитет, изјави на денешната прес конференција претседателот на СОНК Јаким Неделков.
„Ќе ги повикам надлежните да вршат мониторинг за време на генералниот штрајк, да влезат во градинките и да проверат што се случува таму за јавноста да се увери во вистинитоста на ова што го зборуваме. Доволно се едуцирани вработените во градинките и нема потреба некој од МТСП да ги потсетува какви се нивните обврски, вели тој.
Според него министесртвото за труд и социјала наместо да се обиде да најде заедничко решение им се заканува на штрајкувачите.
„Им испраќаат писма на кои не стои ниту печат ниту име и презиме. Позната е само адресата на службеникот од министерството“, уверува Неделков.
Неделков вели дека во однос на барањата на СОНК се тежнее кон иста цел, но од различни патишта.
„Сакаме учениците да се вратат во училиштата, но мора да најдеме прифатливо решение. Штрајкот секаде повеќе добива во континуитет, тие кои не биле членови на нашиот синдикат сега се вклучуваат и ние сме убедени дека го правиме вистинското во интерес на членството. Задоволни сме од односот на директорите од основните и средните училишта каде немаме дојава за притисок врз штрајкувачите, потенцира тој.
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура рече дека штрајкот има се повеќе приврзаници и дека нема да се достават списоци до надлежните министерства за тоа кои работници во градинките и училиштата штрајкуваат и дали по осум часа присуствувале на работното место додека трае штрајкот.