Петличковски: Во моментов сме во една многу безбедна зона, и тука ќе останеме неколку месеци

0
341

Пандемијата сѐ уште не е зад нас, мораме да бидеме внимателни но влегуваме во еден многу помирен дел од пандемијата, оцени претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски во Топ Тема на Телма. Неговата проценка е дека следните неколку месеци ќе бидат стабилни и мирно во поглед на пандемијата со Ковид-19.

Вели дека трендот на олабавување на рестриктивните мерки во цела Европа се темели на промената на фокусот од нови позитивни случаи, кон сериозни случаи, хоспитализација и оптеретување на здравствените системи.

„Сега сме во еден многу помирен дел од пандемијата, не би рекол дека е зад нас. Мора да бидеме внимателни, не знаеме што ќе ни донесе есента, но мислам дека имаме неколку месеци, пролет и лето, кои ќе бидат стабилни и мирни. Од есен ќе правиме нови планови како понатаму,“ рече Петличковски.

Тој напомена дека е потребна внимателност, односно да се подготвиме за евентуален нов бран.

„Ние не можеме да знаеме, не сме сигурни дали ќе има нов бран, но сепак мора да сме подготвени. Тоа значи дека ги зајакнуваме капацитетите за тестирање, преговараме да обезбедиме лекови кои во рана фаза на болеста многу помагаат за критичните болни и исто така ги организираме сместувачките капацитети. Но, сега е периодот кога може да здивнеме,“ додаде Петличковски.