(ФОТО) Снежна авантура на Галичица „Мобилен зимски авантуристички парк“ во април

0
328

Иако сме веќе длабоко навлезени во пролетта, одличните снежни услови на Галичица ни овозможија прекрасно снежно другарување со младите волонтери од Црвен крст Охрид и Атлетскиот клуб Охрид трчаТ, како и со нивните родители. Изминатиот викенд, во регионот околу планинската куќа Спиридон на Галичица, членовите на алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА од Охрид и Планинската Спасителна Служба имаа можност на повеќе од 30 присутни, промотивно да им организираат незаборавни снежни авантури, кои покрај забавен, имаат и едукативен карактер, велат од ПСС.

Имено, станува збор за промоција на „Мобилен зимски авантуристички парк“, нова содржина која Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид во иднина ќе ја нуди на посетителите во околината на планинската куќа Спиридон на Галичица, кај ново изградениот планинарски дом во Брежани, општина Дебарца, но и на други локации во регионот, погодни за таа намена.

За потребите на оваа нова туристичка содржина, во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ набавени се 30 комплети опрема, кои содржат дрезги за движење во длабок снег, камашни, лопати за снег, лавински сонди, како и сетови за изучување и истражување на снежната покривка. Во комбинација со вештините на алпинистите од клубот, оваа опрема на посетителите ќе им овозможи незаборавни авантури, кои можат да бидат еднодневни со претежно забавен карактер до повеќедневни едукативни.

Промотивната активност, како и целокупната опрема за потребите на алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА, е финансирана од ЕУ, ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија и Министерството за локална самоуправа и има за цел збогатување на туристичката понуда во регионот, проширување на туристичката сезона, обезбедување одржливост на клупските активности, како и пример за креирање на нови содржини кои овозможуваат одржливо искористување на природата во заштитените подрачја и националните паркови.

извор и фото: ПСС.