Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ

Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими, учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.

Во рамките на Средбите се закажани одделни состаноци на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, со извршниот директор на ММФ, Пол Хиберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со шефицата на мисијата на ММФ, Бергљот Баркбу. Во центарот на вниманието на состаноците со високите претставници на ММФ ќе бидат монетарната политика и економските состојби во земјава. Гувернерката има закажано и одделни состаноци со директорот на Одделот за статистика, Луј Марк Душарм, директорката на Правниот оддел, Рода Викс-Браун и со заменик-директорот на Одделот за монетарни и капитални пазари, Кристофер Ерцег, на кои ќе се разгледаат резултатите од тековната соработка помеѓу Народната банка и ММФ.

Предвидено е делегацијата да оствари состаноци и со претставници на Светската банка, заменик-претседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, како и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Кун Давидсе. Исто така, предвидена е средба и со потпретседателката на ИФЦ, Георгина Бејкер.

Пролетните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Средбите се место каде што носителите на политиките разговараат за актуелните случувања во светската економија, вклучително и за премостувањето на предизвиците, како економската криза предизвикана од пандемијата, тековната ценовна криза, последиците врз светската економија од војната во Украина итн. Целта на овие средби се заеднички политики и решенија кон поттикнување на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој.