Многу вирална објава на наводен говор на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, се споделува на социјалната мрежа Фејсбук. Говорот којшто се споделува е измислен, никогаш не бил кажан или напишан од Путин и претставува дезинформација со која се манипулира јавноста.
Наводниот говор на Путин е многу емотивен, во него тој ја величи Руската Федерација, а ги критикува САД, Европа, Јапонија, Австралија и други земји кои застанаа на страната на Украина.
Во говорот се вели дека во Украина има нацисти, дека целта на Русија е да го победи нацизмот кој го нарекува „новиот рак“. Иако Путин во негови говори спомнува нацизам во контекст на Украина, сепак вакви реченици никогаш нема кажано. Тој на 18 март одржа митинг во Москва и во својот говор ги критикуваше своите непријатели во Украина со тврдења дека се „неонацисти“, но никогаш не рекол дека тоа е „новиот рак“.
Се спомнуваа и размена на 50 заробеници помеѓу руската и украинската страна. Вакво нешто, исто така, не кажал Путин. Вистина е дека досега се разменуваа војници помеѓу двете страни, но тоа Путин го нема спомнато во говори, а исто така нема кажано:
Украинските војници добија медицинска помош во нашите болници, јадеа три обилни оброци на ден и се вратија дома. Примивме руски војници со отсечени прсти и репродуктивни органи, како што се тврди во објавата.
Во ниту еден од своите говори, Путин не вели „Овој пат не одиме во Берлин“. Запис од таков говор не може да се најде во ниту еден медиум, ниту на официјалната веб-страница на рускиот претседател.
Ниту една од овие триесетина реченици не ја кажал Путин во ниту еден од неговите говори откако почна руската инвазија на Украина. Нашата проверка покажа дека сите реченици се целосно измислени.
Иако оваа објава не е вистинита, односно е целосно измислена со зборови кои наводно ги кажал Путин, таа во моментот на нашата рецензија имаше 380 споделувања, речиси 129 коментари и над 1.500 реакции.
Според коментарите под објавата, корисниците на социјалната мрежа Фејсбук поверувале дека Путин навистина дал ваков говор. Сите коментари се полни со поддршка и величење на ликот и делото на Путин, но и говор на омраза за неговите противници.
Ова е уште еден начин на којшто функционира руската пропаганда, со цел да привлече поголемо внимание во јавноста, собирање поддршка и градење култ на личност кон рускиот претседател.