Конечно во Преспа поплавени ливади и полни реки кои се влeваат во езерото, каков е водостојот на Преспанското Езеро?

Годинава, се радуваме што во рамки на теренските истражувања во Преспа затековме поплавени ливади и полни реки кои се влeваат во езерото. Ваквата состојба, заедно со снежните покривки на планините нудат надеж, но сè уште не можеме да бидеме сигурни колкав ќе биде позитивниот ефект на идниот водостој. За жал, во последните години го посведочивме најнискиот познат водостој на Преспанското Езеро од 1951 година (кога започнуваат континуирани мерења). Ова се должи на низа фактори, но пред сè, на сè повеќе изразените (и веројатно човечки предизвикани) климатски промени со кои се соочува целата планета.

Но каков бил водостојот пред 1951ва? Додека ги чекаме ефектите од снежните покривки и пролетните дождови, го искористуваме овогодинешниот ден на планетата Земја за да дадеме мал сликовит осврт на познатиот историски водостој на езерото уште од 500 година, и причините зад неговата варијација. Јасно е дека во овој период од ~1500 години, се случиле неколку промени во климата, од (i) ладен период проследен со зголемен водостој до 900 година, до (ii) чудното затоплување познато како „средновековна климатска аномалија“ во средниот век кога езерото веројатно било пониско и од денешното ниво, па (iii) „малата ледена доба“ до 1900тите години на минатиот милениум означени со сериозни снежни покривки и зголемен езерски волумен, сè до денес кога (iv) повторно сведочиме затоплување, дополнително потпомогнато од човечките активности и проследено со низок водостој. Види презентација тука.

Што можат ваквите информации да не научат за спасот на овој уникатен екосистем? Дали може да зборуваме за спас на Преспанското езеро?

Најпрво, тоа е спас на уникатните природни и културни вредности на Преспа, односно тоа е спас на начинот на живот кој ние сме го изградиле во овој систем. Преспанското и Охридското езеро постојат милиони години; живиот свет пак, на оваа планета постои четири милијарди години. Тој свет поминал низ најразлични и драстични климатски промени, видови исчезнале, некои се адаптирале на промените, а други пак биле наследени од на ним слични нови видови. Преспанското Езеро исто така преживеало многу поголеми климатски промени од денешните и знаеме дека било можеби и пониско од ова ниво, а било и многу повисоко и дури претекувало преку превоите на околните планини.

Човекот пак, постои на Земјата само ~300 000 години. Петте нули во овие триста илјади, во споредба со милиони, или пак, деветте нули на четири милијарди, се скоро ништо. Имено, во споредба со Преспанското Езеро, човекот осетил многу мали климатски промени – она што го знаеме е дека Преспа заради промени во климата може драстично да се намали или пак да се прелие, но најверојатно ќе преживее.

Приказната за Преспанското Езеро не е воопшто едноставна. Доколку ве интересира уште повеќе, упатете се на линкот каде ќе најдете објективна синтеза на голем број научни истражувања. Ова е тоа што го знаеме засега, и не е малку, но потребно е многу повеќе за да можеме да ги лоцираме главните слабости на ова прастаро езеро и ефикасно да го заштитиме.

Ние во МЕД, од година во година пробуваме да ја склопиме сложувалката наречена „Преспа“ и ефикасно да придонесеме кон нејзината заштита – посетете не` во нашата подрачна канцеларија во Ресен и дознајте како да ни се придружите во оваа мисија!

извор: mes.org.mk