Руски државен авион ја прелета Бугарија и слета во Белград

Руски државен авион Иљушин ИЛ-96-300, на специјален лет од Сочи, долета денеска претпладне во Белград преку Бугарија, иако оваа земја уште во февруари званично го затвори својот воздушен простор за руски авиони, јави телевизијата Н1.

Авионот од Сочи, Русија полетал околу 8 часот наутро а на белградскиот аеродром слетал околу 9.30 часот, пренесува телевизијата податоци од веб-сервисот flightradar24.com. Авионот потоа полетал од Белград околу 13.30 часот. Летовите на овој авион не биле објавени на веб-сајтот на белградскиот меѓународен аеродром „Никола Тесла“, известува телевизијата Н1.

Петар Војиновиќ, уредник на авијацискиот портал Tango Six за Н1 објаснува дека иако со ЕУ санкциите се забранети прелети на руски патнички авиони над земјите-членки на Унијата (како Бугарија, во овој случај), сепак има исклучоци – за хуманитарни летови и за превоз на руски државни службеници и дипломати.

Војиновиќ напоменува дека веќе имало специјални летови кои ги враќале во Русија дипломатите што биле прогласени за персона нон грата.

Инаку, Иљушин ИЛ-96-300 е моделот со кој на меѓународни и други летови често се превезуваат рускиот претседател Владимир Путин и припадници на руската влада и на државни делегации.