Народната банка: 30 години од монетарната самостојност

Денеска одбележуваме важен јубилеј, паметник на градењето на нашата држава. Пред 30 години, под палката на Комисијата за монетарно осамостојување, беше воведена нашата национална валута ‒ денарот. Воедно, беше воспоставена институционалната рамка на монетарниот систем ‒ Народната банка започна да функционира како самостојна централна банка.

Иако релативно млада централна банка, во изминатите 30 години, Народната банка се соочи со голем број предизвици, на кои успешно им одговори. Првите години од монетарното осамостојување се период на хиперинфлација, рецесија, недоволно ниво на девизни резерви, постојана депрецијација на домашната валута и општа макроекономска нестабилност. Како одговор на тоа, во октомври 1995 година, беше воведена и монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на германската марка, додека од јануари 2002 година, курсот на денарот се поврза со еврото. За стратегијата на фиксен курс и тогаш, и сега постои консензус дека претставува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија. Низ годините, и покрај многуте премрежиња, ја одржавме стабилноста којашто ни е зададена со мандат.

Стабилноста на денарот и финансиската стабилност беа зачувани и во налетот на најострата економска криза, предизвикана од пандемијата на вирусот ковид-19. Народната банка беше еден од столбовите коишто ја задржаа стабилноста на целиот економски систем, остварувајќи ги своите мандаторски цели, давајќи ѝ поддршка на економијата преку соодветни политики и мерки. Нема да згрешам ако речам дека по оваа криза, станаа посилни и економијата, и институциите коишто се дел од економскиот систем. Народната банка уште еднаш ја потврди определбата за задржување на стабилноста на денарот и тој и во иднина ќе биде „сидрото на стабилноста на нашата економија“. Девизните резерви непрекинато ги одржуваме на комфорно ниво, гарантирајќи ја со нив стабилноста на валутата. Банкарскиот систем е поставен на целосно пазарни основи и тој е стабилен, ликвиден и доволно капитализиран, поради што може да обезбеди кредитна поддршка за економската активност. Во однос на рамката за работењето на банкарскиот систем,  добивме значајно признание од Европската Унија којашто нѐ стави на листата со само уште 26 држави во светот, чијашто банкарска регулатива и супервизија ги исполнува европските стандарди. 

Извојуваните победи во текот на изминатите 30 години, во кризните, но и во периодите на економски раст, секако немаше да бидат возможни без највредниот капитал на Народната банка ‒ човечкиот капитал. Низ годините, залагањата на централната банка секогаш биле насочени кон регрутирање квалитетни кадри, нивна надградба и постојано учење во текот на институционалната кариера. Нема да бидам нескромна ако кажам дека нашите кадри поставуваат стандарди за работење, не само во земјава, туку и пошироко, што низ годините било и одбележано преку бројни признанија. Тука, би сакала да се заблагодарам за силната поддршка којашто ја имаме од меѓународните финансиски институции, којашто заедно со нашата посветеност ни овозможува да имаме висококвалитетно јадро на професионалци.

Годинешниот јубилеј ‒ 30 години од денарот и 30 години од самостојноста на централната банка, треба да биде национална гордост за сите нас. Она што како централна банка може да го порачаме е дека ние и натаму ќе бидеме исправени во соочувањето со сите идни предизвици, гарантирајќи ја стабилноста на денарот, а со тоа и просперитетот на нашето општество.