Албанија ги укина сите анти-ковид мерки

0
452

Албанскиот национален комитет за справување со пандемијата на Ковид-19, денеска донесе одлука, со која, од први мај се укинува обврската за поседување сертификат за вакцинација или за прележан ковид, како и за негативни ПЦР и антиген тестови за сите странски државјани при влез во државата.

Според Мира Ракацоли, претседателка на комитетот и заменик министерка за здравство, тоа со оглед на стабилната епидемиолошка состојба, но и во интерес на туризмот.

-Почнувајќи од 1 мај, секој граѓанин што ќе влезе на нашите гранични премини не е обврзан да покаже ниту потврда за вакцинација, ниту ПЦР тест. Заштитните маски веќе не се задолжителни ниту во затворени простории, но препорачуваме истите да се носат. Комитетот му препорачува на Министерството за внатрешни работи да се дозволи музика и по 23:00 часот во угостителските објекти, рече Ракацоли.

Со одлука на комитетот на втори март, по речиси две години, беше укинат полицискиот час, кој траеше од 23 до 6 часот, а една седмица подоцна и мерката за ограничено присуство на собири.