Русија ја прекинува испораката на гас за Полска и Бугарија

0
340

Бугарската компанија Булгаргаз ЕАД доби известување дека испораките на природен гас од Гаспром експорт ќе бидат суспендирани од утре 27 април 2022 година. Бугарската страна целосно ги исполнила своите обврски и навремено, строго и во согласност со договорот и неговите клаузули и ги извршила сите плаќања.

По анализата на државната компанија Булгаргаз и Бугарскиот енергетски холдинг (БЕХ) е откриено дека новата процедура за плаќање во две фази предложена од Русија не е во согласност со постоечкиот договор до крајот на оваа година и претставува значителен ризик за Бугарија.

Компанијата соопшти дека руската енергетска фирма Газпром ја информирала дека сите испораки на гас во земјата ќе бидат прекинати од 08:00 часот по средноевропско време.

Русија од утре престанува со испорака на гас и во Полска. Оваа информација на прес-конференција ја потврди министерката за клима и животна средина Ана Москва.

„Гаспром“ го оправда потегот со новите правила објавени минатиот месец, според кои непријателските земји мора да плаќаат за гас во рубли, а ПГНиГ (Полската државна компанија за снабдување со гас) одбила да го стори тоа.

ПГНиГ се потпира на „Гаспром“ за најголемиот дел од увозот на гас и 53 отсто од увозот го купи од руската компанија во првиот квартал од оваа година.