Биљал Касами најави можни нови избори за Совет на Општина Тетово

Тетовскиот градоначалник Биљал Касами денеска истакна дека се можни вонредни избори за Совет на Општина Тетово откако на вчерашната седница не помина општинската завршна сметка за 2021 година.

-Како резултат на однесувањето на некои од советниците, согласно законот, не е усвоена завршната сметка, што е еден од условите да се оди на нови избори за Советот на општина Тетово. Се бараше на седница на Совет завршната сметка на Општина Тетово да се врати да се докомплетира, што нема основ, тоа е завршна сметка согласно законот и процедурите кои се создадени од Министерството за финансии. Кога се прави политика од сè и сешто доаѓаме до вакви ситуации, изјавил денеска Касами.

Тој рече дека денеска ги информирале соодветните министерства.

На новинарско прашање дали е можно да се избегне оваа ситуација, Касами рече дека не е правник и оти тоа е надвор од неговите одговорности.

-Не сум надлежен да коментирам, законот е јасен. Ако не се носи завршна сметка се исполнети условите Советот да оди на реизбор но за тоа одлука и коментар даваат други институции. По сила на закон треба да се распушти Советот, рече Касами.