Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство распиша Јавен повик за доделување на концесија на рибарите за организирање рекреативен риболов. И сето тоа ќе беше во ред и нормално, доколку помеѓу локациите за организирање на рекреативен риболов се најдеше и Охридското езеро, односно Рекреативна зона „Охридско езеро“, напиша на својот ФБ профил градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Во продолжение ја пренесуваме објавата во целост:
‼ Незамисливо е, најголемото езеро во Македонија и најпосетуваниот град, да изостанат од повикот за доделување на концесија за организирање на рекреативен риболов. Што треба да им се каже на туристите кои доаѓаат на лето, а се рекреативни риболовци, дека на најголемото езеро во Македонија, Охридското езеро неможат рекреативно да ловат риба.
Неразбирлива е оваа постапка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, доколку се земе во предвид дека само минатата година беа поднесени 5 пријави за туристи што ловеле риба од брег, а меѓу нив беше и едно дете.
‼ Како треба најголемиот туристички центар да развива алтернативен вид на туризам, риболовен туризам доколку не се доделува концесија за организирање на рекреативен риболов?
‼ Апелирам Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, да ја преиспита одлуката и да распише повик за доделување на концесија на рибарите за организирање на рекреативен риболов.