Орбан за новиот пакет санкции на Европската Унија и ембарго на руска нафта: Тоа е како атомска бомба

0
389

Унгарија не може, во формата во која се најавени, да го поддржи новиот пакет санкции на Европската Унија, кој вклучува ембарго за увоз на нафта, изјави денеска премиерот Виктор Орбан.

Тој рече дека сегашниот предлог на Европската Комисија за забрана на увозот на руска нафта ќе биде „атомска бомба“ фрлена врз унгарската економија, додавајќи дека Унгарија е подготвена да преговара доколку види нов предлог што ќе ги исполни унгарските интереси.

Извршното тело на Европската Унија во средата предложи најстроги санкции против Москва поради војната во Украина, но неколку земји се загрижени за влијанието што ќе го предизвика запирањето на увозот на руска нафта и оти тоа ќе го попречи договорот.

Неколку источни членки на ЕУ се загрижени дека нема да имаат доволно време да се приспособат, иако дипломатите велат дека Унгарија и Словачка ќе имаат време до крајот на 2023 година.

– Ние точно знаеме што ни треба, прво ни требаат пет години за да го завршиме целиот процес… година до година и пол не е доволно за ништо, рече Орбан, додавајќи дека и на Унгарија ќе и требаат големи инвестиции во рафинерии и системи за испораки за да се овозможи увоз на нафта која не е од Русија.