ВМРО ДПМНЕ: Активна блокада на Собранието втор ден, спречуваме самоволие на СДСМ и ДУИ

Заврши вториот ден од активната блокада во Собранието на Република Македонија, која помина тензично и со видлива нервоза кај пратениците од власта но и кај претседателот Џафери. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нотираа кршење на процедурата и евидентно самоволие при гласање на дневниот ред, што беше одложувано цел ден со помош на активната блокада, гласањето помина во многу тензична атмосфера на што реагираше и координаторот на пратеничката група на ВРМО-ДПМНЕ и обвини дека Џафери го дал предлогот на гласање без да биде прочитан и поделен.

– Ако не можете да го дочекате донесувањето на дневниот ред ваш проблем е, навикнете се на ова вака ќе работи ова Собрание, од утре ќе има не покрај вас броење на пратениците што се присутни, ние ќе броиме и ќе и кажуваме на јавноста што правите и кои се присутни тука од пратениците. Така ќе работи, затоа што тие услови и стандарди вие ги наметнавте во работата на Собранието. Немојте да злоупотребувате процедури, немојте да се однесувате како ваше да е Собранието, почитувајте го она што е напишано па макар и да ве кошта малку повеќе од времето – рече Мицевски.

Збор се зеде и пратеничката Иванка Василевска и рече дека ова е тест за демократијата и механизмите на сите можни демократски вредности.

– Сакаме да покажеме капацитет и ете верувам дека истиот демократски капацитет ќе го покажеме на начин што ќе дозволиме да се применат оние поставени правила игра кои ги усвоило ова Собрание во некој претходен пратенички состав – рече Василевска.

Пратеничката Дафина Стојановска рече дека веќе два дена во Собранието има лотарија и дека ништо подобро не очекува да се случи во следниот период.

– Имавте цели пет години, веќе и шестата ја започнавте како си играте баш лотарија со оваа држава. Повозрасните велат дека што ќе посееш тоа ќе пожнееш и на вашиот современ јазик тоа би значело карма. Одамна се поигрувате со опозицијата но најжално се поигрувате со народот на Македонија. На питачки стап го доведовте додека вие и вашите милионерчиња овде арогантно се однесувате непочитувајќи ниту Устав ниту деловник. Единствен провод на нашиот народ им се болниците, аптеките и гробиштата и за ништо од ова кај вас не гледам трошка чувство на одговорност и срам, имате зад вас над 9000 починати од Ковид, 14 живи изгорени во лименка од болница, имате 45 изгорени во автобус без лиценца за меѓународен превоз, 16 страотно погинати во сообраќајка за која 3 години се чека внатре во вашите коалициски пазарења дали да одговара ДУИ или СДСМ. – додаде Стојановска.

Се обратија повеќе пратеници и сите изразија незадоволство од работењето на претседателот Џафери и односот од страна на власта кон опозицијата и за бруталното кршење на деловникот за работа.
По реакциите и барањата да се достави изменетиот дневен ред седницата беше прекината, а нејзино продолжение Џафери најави за утре напладне.

извор: ВМРО ДПМНЕ