Рама: Сè уште немаме кандидат за претседател

0
226

Албанскиот премиер Еди Рама, коментирајќи го и вториот неуспешен обид во парламентот за избор на шеф на државата рече дека нема партнер за да преговараат, додавајќи дека мнозинството сè уште нема кандидат за претседател.

-За танго потребни се двајца, ние не можеме да направиме танго зашто немаме партнер. Решението е човек кој треба ги исполни обврските кон Албанците, за да ја ослободи таа канцеларија од канџите на минатото. Сè уште не сме одлучиле кој да биде кандидат, зашто доколку имавме име ќе го ставевме на гласање, изјави Рама.

Тој на овој начин ги отфрли тврдењата на дел на политичари и аналитичари дека социјалистите веќе имаат свој кандидат и оти преговорите со опозицијата се само игра. Се споменува дека можни кандидатки за шеф на државата социјалистите се Мајлинда Брегу или Валентина Лескај.

Рама посочи дека ќе го чекаат и третиот круг па потоа ќе заседава Претседателството на Социјалистичката партија и пратеничката група па ќе дадат предлог до законодавниот дом.

Мандатот на актуелниот претседател, Илир Мета, завршува на 24 јули.

Извор: МИА

Фото: Архива