Мисајловски: Доколку централната власт биде во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, за општините ќе биде многу полесно

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски вечерва во емисијата 360 степени на АлсатМ телевизија рече дека во ваква ситуација за општините ќе биде многу полесно доколку централната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека во општините има големи проблеми, дека некои од градоначалниците се соочуваат со големи долгови и немаат како да ги вратат средствата посочувајќи ја како пример општина Ѓорче Петров која има преку 2,5 милиони долг и сето тоа мора да се менаџира со централната власт.

-Никој од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не бега од одговорноста што ја презел и секој од нив ќе се обидува да си ги реализира проектите. Сепак, од централната власт нема доволно средства за капитални проекти бидејќи слушнавме дека сега со овој ребаланс ќе крателе 100 милиони за непродуктивни трошоци. Зошто не им дадоа по еден милион во секоја општина да се направеше по една градинка, праша Мисајловски.

Тој посочи и дека во ваква ситуација за општините ќе биде многу полесно доколку централната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашањето дали неговата партија инсистира на брзи избори плашејќи се од лоши резултати на дел од градоначалниците.

-Без разлика дали едното со другото е поврзано или не, предвремените парламентарни избори и локалната самоуправа, верувајте дека многу повеќе ќе им се помага на сите општини доколку ВМРО-ДПМНЕ е на чело на централната власт. Тоа што со месеци ЗЕЛС бараше средба со Владата е тотален апсурд. Владата со месеци не сакаше да разговара со градоначалниците кои се одговорни за милион луѓе и, на крај, кога се одржа таа средба, немаше никаков бенефит, рече Мисајловски.

Мисајловски зборуваше и за интерпелацијата која ќе биде поднесена против Талат Џафери за неговото недолично однесување во собранието, додавајќи дека тој се однесува како да е самиот деловник.

-Верувајте, Талат мисли дека тој е Деловникот. Толку се преценил човекот што мисли дека тој го створил деловникот, дека може сè да направи и може оваа интерпелација никогаш да не го види денот за говорење. Да оставиме да видиме, се надевам дека ќе се разговара. Ние многу пати во изјави кажавме дека најверојатно ова нема да успее. Знаете зошто? Јас сум многу искрен кон граѓаните, ние ќе ги кажеме сите наши аргументи. Ако падне Талат Џафери – паѓа и Владата. Тие од петни жили сите ќе се борат како оваа Влада да остане бидејќи ДУИ ја води државата и е таа алка што ги спојува, рече Мисајловски, кој додаде:

Целта на активната блокада на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ е да се видат сите погрешни политики, да ни се дозволи нам како парламентарци да говориме, да ги потенцираме сите забелешки што ги имаме кон СДСМ, а и јавноста да го види лицето на спикерот Талат Џафери.
„Ние, пред да ја започнеме оваа активна блокада, најавивме и пакет мерки, односно побаравме и од СДСМ и од сите партии да направиме посебни работни тела каде што ќе разговараме за многу закони и оние што се добри заеднички да ги изгласаме, да ги поставиме на посебни седници, да разговараме за здравството, за образованието, за економијата, за сè што е потребно… Но, нема разбирање“.

 

извор: ВМРО ДПМНЕ

фото: ВМРО ДПМНЕ