Вучиќ-Отворен Балкан не е замена за ЕУ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во Охрид, каде што учествува на Самитот „Отворен Балкан“ изјави дека тоа е одлична иницијатива која е во интерес на граѓаните и оти таа не е замена за ЕУ.

Тој посочи дека е поборник ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија.

“Но, ние не велиме дека тоа што го правиме ќе донесе повеќе придобивки, но сигурно ќе донесе придобивки за сите. Тоа не е замена за ЕУ, ниту пак е некое друго кафе…тоа е посебна иницијатива која овде носи соработка меѓу народите и државите,” рече Вучиќ.

Тој додаде дека Отворен Балкан е „извонредна иницијатива, во интерес на граѓаните, од која имаме само корист и никој не може ништо да каже против тоа“.

Претседателот на Србија изјави дека сите се добредојдени во иницијативата „Отворен Балкан“, вклучително и Приштина.

“Мислам дека сме доволно зрели и да зборуваме сами. Колку повеќе сами зборуваме, толку подобри ќе бидат односите. Кога првпат се сретнав со премиерот на Албанија, Еди Рама, имаше многу тензии меѓу нас. Седумдесет години нашите лидери не се сретнале. После тоа, токму затоа што ја разбравме потребата да разговараме на секое место, можевме да разговараме без посредник и денес нашите односи се добри,”изјави Вучиќ.

На новинарско прашање дали е можен „Отворен Балкан“ без Косово, Вучиќ рече дека сите се добредојдени.

 

Радио Слободна Европа