Рама: Албанија повеќе не се подготвува за таа „свадба“, aко се случи „свадбата“ ќе одиме како што сме облечени

0
336

Војната во Украина го прави „Отворен Балкан“ поголема нужност, отколку што беше и пред да започне оваа војна која не изненади сите. Отворен Балкан е битен и за нашите луѓе, за заедничкиот простор каде се раѓаат нашите деца и за нивната иднина. Фокусирани сме на иднината. Денеска сме тука токму затоа, бидејќи сакаме да продолжиме кон иднината без да ги затвораме очите пред се уште нерешените проблемите, но убедени сме дека тие можат да се решат само доколку соработуваме и сфатиме дека сме битни еден за друг.

Ова го истакна  албанскиот премиер Еди Рама  во обраќањето на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид.

Тој се осврна на придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“ во делот на туризмот, трговијата и енергетиката, како и во однос на поставувањето заеднички механизам за справување со пожари.

– Силно верувам дека што повеќе ние се зближуваме еден со друг, толку повеќе шанси има да ги разрешиме и конфликтите, да се направи краен мир помеѓу Србија и Косово, една тема за која јас не се согласувам со претседателот Вучиќ, но овде решението е многу едноставно. Или ова несогласување да се претвори во постар конфликт со сите тие празнини кои потоа остануваат во нашата економија, во нашата безбедност или обратно од тоа треба да се направи, да се доближиме што е можно повеќе за да се разбереме помеѓу себе што повеќе и самите луѓе да бидат свесни дека иднината е многу поважна од минатото, рече Рама.

Осврнувајќи се на евроинтеграциите и очекувањата од претстојниот самит на ЕУ тој во негов стил порача дека не се подготвува за како што вели „оваа свадба“ и оти фокусот треба да биде Европа да се изгради овде во регионот.

– Секогаш кога доаѓа Европскиот совет се подготвуваме како за на свадба. Јас сум кажал и порано, Албанија повеќе не се подготвува за таа „свадба“. Ако се случи „свадбата“ ќе одиме како што сме облечени. Нема да се облечеме свечено, нема да нарачаме најдобар оркестар, нема да трошиме на големи банкети за да дојдат сватовите и да останеме сами со невестата, бидејќи не доаѓа зетот да ја земе или пак зетот останува на врата. Невестата може да се снајде, бидејќи ќе рече не сакам да зборувам со зетот, бидејќи имам други работи, а е уште полошо ако зетот остане. Да кажам уште еднаш „Отворен Балкан“ е зетот, а невестата е ЕУ. Ова е лошо за нас. Подобро ќе беше ние да бевме невестата, бидејќи ќе не земеа побргу, а кога си зет обременет со толку големи проблеми, тоа е голем проблем. Но, нашиот пат е многу јасен за нас. Ние сакаме Европа да ја изградиме овде, да изградиме наши системи за функционирање на државата, на стопанството и на се друго и потоа кога тие ќе сакаат да направат „свадба“, ние ќе бидеме подготвени, рече албанскиот премиер.

 

nezavisen.mk