АРМ домаќин на петнаесеттата Конференција на началниците на Генералштабовите во Охрид

0
186

Конференцијата ќе ја отвори началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, а обраќање ќе имаат претседателот на Република Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски и заменикот на министерот за одбрана, Башким Хасани.

На конференцијата, како што соопшти МО, покрај дискусиите на темата на конференцијата: „Употреба на Вооружените сили во справувањето со најновите предизвици во национален и регионален контекст (најдобри практики)”, ќе се разгледуваат и можностите за зајакнување на начините на воената соработка помеѓу балканските држави, како и начините на спротивставување на сите современи безбедносни предизвици, ризици и закани во регионот. Ова првенствено е поврзано со реализација на заеднички обуки, како и со проценка на асиметрични закани на Балканот.

Покрај началникот на ГШ на Армијата на Република Македонија како домаќин, на Конференцијата ќе учествуваат и началниците на генералштабови на Армиите на Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција, претставник од ГШ на Албанија и ЗНГШ на Војската на Црна Гора.

Како набљудувачи на Конференцијата ќе присуствуваат и НГШ на ВС на Хрватска, како и претставници од: Воениот комитет на ЕУ, Врховната команда на Сојузничките сили во Европа, Здружената команда на НАТО од Неапол и од Командата на Армијата на САД за Европа и Африка.

 

канал5