По поднесената Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура против Општина Липково, а со цел утврдување на законитоста на постапката околу подигнувањето на контроверзниот меморијален споменик во чест на борците на УЧК/ОНА, со намера трајно зачувување на спомените на овие личности, од министерството, кратко и неаргументирано одговорија до Левица дека НЕМА НИШТО СПОРНО во постапката за подигнувањето на споменикот, истакнуваат од Левица.
Во одговорот е очигледно воочлив напорот од надлежните инспектори во Министерството за култура, да пробаат да го оправдаат контроверзниот споменик, исклучиво потпирајќи се врз манипулативниот и противправен начин на кој општина Липково го завела истиот како спомен-обележје.
Градоначалникот Еркан Арифи ја заобиколил процедурата и овој споменик го именувал како спомен обележје. Ваквото противзаконско однесување е скандалозно, со оглед на фактот дека се работи за Меморијален споменик за војната, кој нема локално, туку исклучително државно значење, бидејќи иститот беше на целата територија на државава.
Со тоа што кулата е именувана како спомен обележје, општината ја избегнала процедурата во Собрание и одлуката за негово подигнување ја донела на локално ниво, односно во Советот на општината.
Имено, спорниот споменик не може во никој случај да се третира како спомен-обележје, бидејќи не се однесува на личности од локално значење за општината или „селската кооперација“, како што законот налага. Напротив, споменикот се однесува на зачувување на спомените на лица амнестирани од кривичен прогон за тешки кривични дела, кои во 2001 година дејствуваа на поголем дел од територијата на Република Македонија.
Очигледно е дека министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска работи во целост да го сокрие самоволието и безаконието на ДУИ, за кои функционери не важат законите веќе 20 години наназад. СДСМ со нејзините анонимни кадри во актуелната коалиција е само пајтон-партија на ДУИ, чија цел е да ги заштити криминалите на функционерите од ДУИ, кои фактички владеат со Републиката, додаваат од Левица.