Француските дипломати во Брисел одбиваат да кажат официјално дали предлогот објавен во бугарските и македонските медиуми е автентичен. Во другите земји членки на Европската унија засега сличен молк. Од друга страна, во Северна Македонија и во Бугарија и вчера во фокусот беше францускиот предлог.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи тврди дека во земјава формално не е доставен францускиот предлог, за кој, како што вчера изјави, ќе го кажеме својот став, кога ќе дојде време за тоа. Во Бугарија, пак, претседател Румен Радев вчера оцени дека францускиот предлог е чекор во правилна насока, но, според него, остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото. Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, најавува дека нема да донесе никаква одлука без таа да биде поддржана од Народното собрание.
Во текот на последните неколку дена повеќе документи беа објавени во Бугарија и Северна Македонија, меѓу нив и новата преговарачка рамка, која доколку е прифатена од сите страни, би била усвоена на 23 јуни на Европскиот Совет.
sitel.mk