Преведувач од Македонија: Добив понуда од ЕУ за превод од „северномакедонски“ јазик

„Утрово добив понуда за превод на материјали од северномакедонски јазик. Кој е тој јазик, знае ли некој? Јас не знам за таков јазик“, напиша преведувач од Скопје на својот фејсбук-профил и објави детали за преводот, инаку проект на ЕУ, објави мкд.мк.

Се бара превод на 280 страници, една страница со 1.800 карактери, дека преводот од северномакедонски треба да биде готов до 1 октомври…

Синоќа Бујар Османи, македонскиот министер за надворешни работи во емисијата 360 степени на ТВ Алсат изјави дека „според актуелниот предлог, македонскиот јазик е еден од 25-те јазици на ЕУ и како таков станува дел од преговарачката рамка и тоа е една од најголемите победи за македонскиот народ и за државата“.

Еве што ден пред тоа изјави францускиот претседател Емануел Макрон : „Сакам да го поздравам гласањето во бугарскиот парламент со што се отвора пат за укинување на ветото и отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија, а со тоа напредок на албанското досие“, изјави Макрон во Брисел и им се заблагодари на „Северномакедонците“.

На ова Османи реагираше: Нема дилеми, Макрон направи ненамерна грешка именувајќи нѐ „Северномакедонци“. Комунициравме веќе со Амбасадата на Франција и немаме дилеми дека францускиот претседател направил ненамерна грешка, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

фото: Архива