Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска од 10 часот до 13 часот ќе протестира пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за да го изрази незадоволството од неисполнетото барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во јавниот сектор.
Откако минатата недела не беше прифатен амандманот на ССМ во собраниската Комисија за финансирање и буџет, Претседателството на ССМ организираше протестни активности пред Владата и Собранието, а вчера наутро три часа ја блокираше крстосницата во Автокоманда за влез/излез од Скопје.
„Активностите ги пренасочуваме пред МТСП за да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1 Мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот. Тогаш ни ветија дека со ребалансот на Буџетот и Законот за извршување на Буџет овие средства можат да ги предвидат најдоцна до 1 јули. Тоа е за четири дена, а од тоа ни трага ни глас, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Радио Слободна Европа