Отворена иницијатива за сезонска авиолинија Белград-Охрид

Воведувањето на авиолинија на релација Белград-Охрид, која би оперирала два пати неделно и би имала сезонски карактер беше во фокусот на дискусијата на државниот секретар Жикица Несторовиќ при српското Министерство за трговија, туризам и телекомуникации, Бошко Рупиќ, комерцијален директор на Air Serbia и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на Република Македонија, Љупчо Јаневски во рамките на конференцијата „Нови идеи за ново време“.

– Ова е поткрепено со одличните статистички показатели за раст на бројот на српски туристи и тоа за повеќе од 500% во 2021, споредбено со 2022 година. Раст од 100% во бројот на туристи од Србија кој го посетиле Охрид е забележан и во првиот квартал од 2022 години споредбено со 2021, исто така и остварените ноќевања се со значителен раст, изјави директорот Љупчо Јаневски.

Тој дополни дека регионалната соработка е предуслов за развој на туристичката индустрија, а со иницијативата „Отворен Балкан“, се поместуваат границите и истата станува дестинација од 15 милиони домашни туристи која е сериозна можност за инвестиции. Туризмот треба да се перцепира и како генератор на воспоставување доверба, соработка, економско закрепнување и добрососедски односи во регионот.

извор: АППТ

фото: АППТ