Претседателот на Шри Ланка побегна од државата

Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса побегна од земјата, јавува АФП. Тој, наводно, со воен авион пребегал кај соседните Малдиви.

Претседателот, неговaта сопруга и телохранителите беа меѓу патниците во авионот Антонов 32 кој полета од главниот меѓународен аеродром во Коломбо, изјавија официјални имиграциски службеници за АФП.

Опозициските партии во Шри Ланка се состанаа пред два дена, со цел да се договорат за формирање на нова влада, ден по оставките на претседателот и премиерот на земјата. Демонстранти упаднаа во резиденциите на двајцата лидери и го запалија домот на премиерот во бес поради економската криза.

Демонстрантите и натаму се наоѓаат во резиденцијата на Раџапакса, во неговата канцеларија на брегот и во премиерската резиденција и порачаа дека ќе останат таму додека и официјално не бидат поднесени оставките.

Сè уште не се знае каде е претседателот на Шри Ланка, но преку соопштение од неговиот Кабинет се наведува дека наредил веднаш да почне дистрибуцијата на гас за готвење за граѓаните, што сугерира дека тој и натаму ја извршува функцијата.

Државата со 22 милиони жители се соочува со сериозен недостиг на девизи што го ограничи основниот увоз на гориво, храна и лекови, туркајќи ја земјата во најголемата криза од стекнувањето на независноста во 1948 година, пишува „Ројтерс“.

фото: Telegraph India