Владина делегација во состав советникот за одбрана Драган Василевски и државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ, денеска положи свежо цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, во спомен на загинатите бранители. Со достојни државни почести годинава се одбележуваат 21 година од загинувањето на десеттемина припадници на резервниот состав на Армијата кој од заседа беше нападнат во оружениот конфликт во 2001 година.
Во чест и сеќавање на трагично загинатите резервисти: Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и прилепско, денеска беше оддадена почит и на нивните вечни почивалишта, а беше одржана и панихида во црквата „Св. Петка“ во населбата Точила во Прилеп.
Одбележувањето на загинувањето на армиските припадници продолжи со оддавање почит и положување цвеќе на комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп каде се одржа централното одбележување на 21 година од нивната смрт, каде положија цвеќе и бројни делегации и бранители.
Чествувањето на годишнината од загинувањето на десеттемина армиски резервисти започна синоќа во Прилеп, каде во име на Владата на Република Северна Македонија, беше положенo свежо цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев”, како и пред споменикот на бранителите во прилепското село Лениште, а беше одржана и вечерна богослужба во манастирот Св. Петка.
извор: Влада
фото: