Брачен пар во пелени сокриле злато со дукати

0
409

Млад брачен пар тргнал од Македонија кон Швајцарија со „пасат“ со швајцарски таблички. Во пелени сокриле половина килограм злато со дукати „Франц Јозеф”. Вредностите станаа плен на српската Царина, но и „пасатот“.

Српската Царина вчера во соработка со полицијата на граничниот премин Прешево спречија обидот на двајца патници во памперс пелени да прошверцуваат преку граница златен накит чија вредност се проценува на повеќе од 2,2 милиони динари (18.752 евра), јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти Царинската управа, прекршокот бил откриен кога на влезот на овој премин во Србија бил издвоен на детален преглед автомобил „фолксваген пасат” со швајцарски регистарски ознаки, во кој од правец на Македонија кон Швајцарија патувал млад брачен пар.

„Иако рекоа дека немаат што да пријават, царинскиот службеник при преглед на автомобилот, пред совозачкото седиште пронашол торба во која меѓу другото имало и неотворено пакување памперс пелени. Неговата необична тежина го подигнала сомнежот дека нешто се крие во него, што набрзо се испостави дека е вистина, бидејќи во неколку пелени се пронајдени речиси половина килограм златни ланчиња и алки со дукати „Франц Јозеф”, како и синџири и прстени“, соопштија од Царината.