Бел кит заглавен во реката Сена, спасувачите се обидуваат да му помогнат

0
304

Француските спасувачи кои очајнички се обидуваат да спасат бел кит заробен во реката Сена, велат дека тие немаат надеж за преживување.

Спасувачите се надеваат дека ќе му помогнат на изгубениот кит да си го врати барем апетитот и потребната енергија за да се врати во морето.

Видно неухранетиот целосно бел цицач првпат беше забележан во четвртокот во реката Сена, на околу 70 километри северно од Париз.

По неуспешните обиди да го охрабрат да го најде својот пат, спасувачите се песимисти за неговите шанси да преживее.

Досега, китоловците му нудеа замрзната харинга и жива пастрмка на китот долг четири метри, но цицачот одби да се храни со рибите, изјави Изабел Дорлија-Пузе, локален претставник во регионот Еуре во северозападна Франција.

„Тој е прилично слаб и изгледа дека има проблеми со апетитот“, рече таа, пренесува АФП.

Спасувачите се надеваат дека со вбризгување на витамини на насуканото животно ќе му помогнат да си го врати апетитот и да успеат да го направат 160-километарското патување низ реката и Ла Манш назад до Арктикот, кој е природно живеалиште на китот.

Друга опција што ја разгледувале е да го извлечат китот од реката, но за тоа би требало животното да има доволно сила да го преживее патувањето, кое би било уште поризично.

Китот треба да се премести во следните 24 до 48 часа, овие услови не се добри за него, изјави за AFP шефот на Sea Shepherd France, Ламија Есемлали.

Експертите имаат мала надеж дека китот ќе преживее, додаде таа.

„Сите се сомневаме дека тој има сила да се врати на морето. Дури и да го „возиме“ со брод, тоа би било крајно опасно, ако не и невозможно“.

Китот се однесува срамежливо, излегува на површина само накратко и испушта помалку звуци што би ги очекувале, што уште повеќе ја зголемува загриженоста за неговото здравје, велат научните набљудувачи.

Експертите не разбираат како китот успеал толку далеку да се оддалечи од своето природно живеалиште од студените води на арктичката и субарктичката зона.

faktor.mk