Владата го ограничи извозот на кршено или дробено сончогледово семе

0
276

На денешната седница беа донесени и две одлуки кои се однесуваат на заштита на домашното производство и стандардот на потрошувачите.

Едната одлука, доставена од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се однесува на дополнување на Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки, која ќе важи и за семе од сончоглед, вклучувајќи кршено или дробено.

Со дополнувањето, кое важи до 31 декември 2022 година, се овозможува по завршувањето на жетвата, која треба да започне во втората половина на август, најпрво да се обезбеди снабдување на домашниот пазар односно домашните капацитети на производство на масло од сончоглед за јадење.

Забраната за извоз на семе од сончоглед има за цел да се избегне зголемување на цената на сончогледовото масло за јадење.

Владата донесе и Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, со која се определува највисоката трговска маржа, во висина од најмногу до 10 проценти, како посебен услов во трговијата за следните стоки: огревно дрво од даб, огревно дрво од бука и пелети за огрев.

Одлуката важи за сите трговски друштва и трговци-поединци кои учествуваат во трговијата на мало во продажбата на огревно дрво и пелети за огрев, со цел да се заштитат потрошувачите од неконтролирано покачување на цените на стоките за огрев.

Оваа Одлука ќе се применува до крајот на годината, до 31 декември 2022 година.

фото: Архива