„Италија на две тркала вреди да се доживее. Прекрасна земја особено доколку ја доживееш на отворен пат со мотор. Тргнавме со веспа Piaggio х10 за која многумина од Италијанците ни се воодушевуваа како сме стигнале дотаму бидејќи сепак не е патнички мотор“ – раскажува за CRNOBELO.com Моника од Скопје која со сопругот беше на меден месец од Скопје до Италија со веспа.
Моника и Никола во февруари годинава стапиле во брак, а одлучиле да имаат незаборавно патување за медениот месец.
Парот како дестинација ја одбрал Тоскана, но она што е уникатно, е тоа што патувањето било со веспа Piaggio x10 од Скопје во Италија.
Двајцата сме авантуристи по природа и уживаме во возењето со мотор.
За Италија тргнавме со веспа Piaggio х10 за која многумина од Италијанците ни се воодушевуваа како сме стигнале дотаму бидејќи сепак не е патнички мотор. Покрај истражувањето на Македонија и Грција, Италија беше одамнешна желба да ја извозиме.
Во 10 дена поминавме низ 15 градови. Љубовта кон Тоскана се роди по филмот „Under the Tuscan Sun“.
Ноќевањата ги резервиравме ден за ден. Сѐ што ни требаше беше желба, храброст и средства. Тргнавме со мотор до Драч и таму се качивме на ферибот до Бари, патувањето беше долго.
Штом се симнавме од траектот веднаш се почувствува италијанскиот мирис и автентичната архитектура. Со голема возбуда возевме до Наполи која беше наша прва дестинација.
Гориво полневме на отприлика 300km, багажот го носевме во три куфери кои ни беа прикачени на моторот и поради селењето од едно во друго сместување од град во град ни беше најпрактичната инвестиција.
crnobelo.com