Двојно поголема побарувачка за огревно дрво, „Национални шуми“ бараат повисока цена

Повисоки цени на огревното дрво, бараат Национални шуми од Владата. Во разговор за Гласот на Америка, в.д. директорот на претпријатието, вели: Цените не се променети од 2009 година.

„Овие цени за Национални шуми во овој момент не се финансиски исплатливи. Со овие цени ние работиме со загуба“, вели Валентин Груевски, в.д. директор на Национални шуми.

Според нивниот тарифник, метар кубен од дабово дрво за огрев е 2.900 денари. Барањето е цените да се зголемат за 20 отсто.

„Сакаме да има зголемување, бидејќи цените на сите енергенси отидоа нагоре. Имаме доставено барање до Владата. Ние сме јавно претпријатие и уште не сме добиле одлука за зголемување на цените“, додава Груевски.

Тие годинава планираат да произведат околу 400.000м3 огревно дрво, што е за 50.000м3 повеќе од лани. Но, годинава значително се зголемил и интересот на граѓаните да се греат на дрва.

„Граѓаните се плашат и се создава страв дека можеби ќе нема струја, па тие што никогаш не користеле дрво, сакаат да набават. Дел од тие што набавувале одредена количина на дрво, извештаите се дека сакаат да земат дупло повеќе дрво. Во тоа може да настане одреден проблем во однос на тоа дали ќе има или не“, истакнува Груевски.

Сепак, првиот човек на Национални шуми, додава дека за претстојната грејна сезона ќе има доволно дрва. Од нивните складишта може секој да набави, но листата на чекање не е мала.

„Имаме склучени договори со здружение на пензионери, со училишта, градинки. Тие си имаат приоритет. Тие дрва се плаќаат на рати. Осумдесет, деведесет отсто се платени и ние како Национални шуми мораме тоа да го испочитуваме“, посочува првиот човек на Национални шуми.

Трендот на поскапување на дрвата, ја зголемил и дивата сеча. Шумо-чуварската служба речиси секој ден откривала дрвокрадци.

„Се користат и стари дотраени возила кои немаат никаква вредност и доколку наидат на полиција, возилото се остава и заминуваат. Сите можни начини се користат за да се стигне до огревното дрво“, вели Груевски.

Глас на америка