„Нема да умреш од старост“ дел од заканите кон градоначалникот на Кавадарци

0
386

Кавадарчанецот кој со години наназад му се заканувал на градоначалникот Митко Јанчев, но и на неговото семејство, доби притвор во траење од осум дена, извести Обвинителството. Станува збор за човек кој освен што упатувал закани со смрт на социјалните мрежи, исто така и го демнел градоначалникот со години наназад. Во повеќе наврати бил пријавен до надлежните служби, а во минатото веќе еднаш му бил одреден притвор од 23 дена за истото дело, како и условна казна, во траење од две години.

Сепак, веднаш штом истекла условната казна, тој уште од истиот ден повторно започнал со заканите и демнењето. ОЈО Кавадарци оформи предмет и поведе постапка за кривично дело – Загрозување на сигурноста според член 144 став 4 од Кривичниoт законик. Според информации со кои располага „Фокус“, заканувачот и во минатото им се заканувал на претходните градоначалници преку социјалните мрежи, но тие не ги пријавиле заканите во полиција.

-Нема да умреш од болест или старост, била само една од низата закани кои мажот на возраст од околу 45 години му ја упатил на Јанчев.

Тој е опседнат со градоначалникот, секоја објава на социјалните мрежи му е за него, велат нашите соговорници, кавадарчани кои ги следеле случувањата.

Градоначалникот Јанчев на почеток не ги сфаќал сериозно заканите и се надевал дека ќе прекинат со тек на време, но заканувачот не запирал, па започнал и со закани кон неговото семејство, како и со демнење. Станува збор за активист на помала политичка партија.

 

fokus.mk